Мени

„Дијалог со бојата“ – втора самостојна изложба на Живка Величковска (видео)

17.09.2026 13:41 | Сузана Николиќ

Педесетина дела од колекцијата „Дијалог со бојата“ на Живка Величковска синоќа беа изложени во Занаетчискиот дом во Куманово.

Станува збор за нејзина втора самостојна изложба, на која се претставени слики изработени во техника акрил на платно и на дрво. Делата се создадени во различни стилови, преку кои авторката ја истражува улогата на бојата како средство за изразување на емоции, атмосфера и лични доживувања.

„Сликите се апстрактни, флуид арт, односно течно сликарство. Поентата е во боите. Возбудливо е тоа што не се знае крајот и ефектот од сликањето и целиот процес. Создадени се во период од година и пол“, вели авторката.

Величковска почнала да слика во 2019 година, пред сè од задоволство, но и од потребата да го изрази уметничкиот порив што со години тлеел во неа. Нејзиниот професионален живот, ја однел во друга насока,  работела како економистка.

„Мене ме инспирираат многу работи, а она што ме тера да сликам е мојот карактер. Јас по природа сум љубопитна, сакам да истражувам, да учам и да се обидам да направам нешто ново од тоа што ми се допаѓа. Досега ми успевало. Уметноста отсекогаш тлееше во мене, ја наследив од мојот татко, кој беше многу ракотворен и талентиран. Тој ме учеше како да ги цртам првите цртежи за на училиште, да обликувам предмети од глина, да украсувам. Потоа продолжив со други работи кои исто така беа поврзани со креативноста, како украсување торти, изработка на фигури и цветови. Кога се заситив од сето тоа, се пронајдов во сликањето“, вели Живка.

Таа додава дека како пензионерка ужива во слободното време, посветена на уметноста, а со своите изложби сака да ги инспирира и другите луѓе од третата доба да се пронајдат во нешто ново, за што можеби немале време додека биле млади.

„Овој период од животот за мене е најубав, бидејќи ми дозволува да живеам така како што сум сакала цел живот. Да правам што сакам и кога сакам. Имам време за сè“, вели Живка.

Таа добива комплименти за својата работа и од академските сликари, но вели дека најмногу ѝ значи поддршката од нејзините најблиски, како и од нејзината омилена публика, која синоќа беше во голем број.

Величковска веќе работи на нова колекција слики на нова тема и се надева дека ќе има изложба наредната година. Нејзината прва самостојна изложба, со мотиви на цвеќе, предизвикала големо внимание кај публиката, па авторката очекува успехот да се повтори и со оваа изложба. Таа планира своите дела да ги претстави и во повеќе градови.

Изложбата е продажна, а цените се промотивни.

„Дијалог со бојата“ – втора самостојна изложба на Живка Величковска (видео)