Дамјановски: „Среќко Пужаљка“ ќе се заврши за неколку дена
Градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски, ги повика граѓаните да бидат трпеливи уште неколку дена до целосно завршување на реконструкцијата на канализационата мрежа на улицата „Среќко Пужаљка“, по што околните улици ќе бидат асфалтирани.

„Приклучоците одат многу споро поради висинските разлики на шахтите. Ги молам граѓаните за трпение, има најава дека „Среќко Пужаљка“ и „Перо Чичо“ ќе бидат завршени во наредните четири до пет дена, комплетно реконструирани и асфалтирани. Гледате дека во Куманово се работи овие денови и се надевам дека граѓаните ќе бидат задоволни. ВМРО-ДПМНЕ немајќи што да прави во оваа ситуација во која имаат политичка катаклизма на нивната партија, бидејќи полека, но сигурно се отвораат случаи за сите стотици милиони евра на сметка на граѓаните украдени во име на партијата, мораат да имаат некакви аргументи за да напаѓаат. Идат локални избори, граѓаните гласаат за локален интерес и се надевам дека ќе го препознаат тоа“ – одговори градоначалникот Дамјановски на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ.