Дамјановски тврди дека нема влијание во урбанизмот
Градоначалникот Зоран Дамјановски вели дека тој нема никакво влијание во сферата на урбанизмот и урбаната политика, затоа што тој не изработува ниту одобрува урбанистички планови, по обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека со многу недоследности на штета на граѓаните се планира изградба на стамбена зграда спроти Ургентен центар Куманово.

„Сакам да истакнам дека овој процес на донесување на детален урбанистички план трае повеќе од година ипол, сите маани и забелешки од анкетата се уважени, вратени, биле на консултации и повторно вратени. Така да се што не се вклопува во законот за урбано и просторно планирање нема да биде прифатено ниту од комисијата, ниту да биде усвоено од Советот. Јас не гледам никаква моја одговорност затоа што процесот е на иницијатива на инвеститорот и проектантската куќа. Јас директно немам никакво влијание ниту пак сум учествувал во било какво креирање во урбаната политика, затоа што тоа се води од Секторот за урбанизам и Комисија лиценцирана од државата, кои се компетентни да ги спроведат процедурите, - изјави Дамјановски.
Тој објаснува дека плацевите на кои ќе се гради зградата се купени на слободен пазар на недвижности од приватни лица, а не од Општината ниту од градоначалникот, поради што смета дека критиката е упатена на погрешна адреса се со цел да се дефокусира јавниста од вистинските проблеми во државата.