Кумановка доби кариерно признание стручен соработник – ментор од МОН
Милена Илиќ Пешиќ, доктор по педагогија и дефектолог во ООУ „Браќа Миладиновци“ од Куманово, доби професионално унапредување во звање стручен соработник-дефектолог ментор од Министерството за образование и наука (МОН).
Таа е единствениот стручен соработник во основно образование во Општина Куманово што годинава доби кариерно признание.
„Ова признание за мене претставува потврда за долгогодишниот труд, посветеност, професионален ангажман и искрена љубов кон работата со учениците. Да се биде ментор не значи само професионално унапредување, туку и голема одговорност – да се биде поддршка, пример и поттик за развој и напредок во воспитно-образовниот процес“, вели Илиќ-Пешиќ.
Таа додава дека ова унапредување е дополнителна мотивација за понатамошен развој, нови предизвици и уште поголема посветеност во унапредувањето на инклузивното образование и поддршката на учениците.
„Во текот на мојата работа секогаш сум се стремела кон создавање инклузивна, поддржувачка и мотивирачка средина за секое дете, а ова унапредување ми претставува дополнителна мотивација и инспирација да продолжам уште повеќе да вложувам во мојот професионален развој и во унапредувањето на образованието“, додава таа.
Звањето „стручен соработник – ментор“ значи дека лицето не е само стручен соработник, туку и професионалец кој може да води, советува, менторира и поддржува други колеги.
„Тоа сведочи за докажани професионални компетенции и резултати во работата, претставува пример за добра практика во инклузивното образование и стручната работа, активно учество во менторирање, стручно усовршување и развој на образовниот процес, како и добивање повисок професионален углед и признание во институцијата и пошироко. Воедно, ова е чекор кон уште повисок кариерен развој и лидерска улога во професијата“, вели Милена.
Таа посебно е благодарна за поддршката од своето семејство, како и од колегите од ООУ „Браќа Миладиновци“, кои биле важен дел од нејзиниот професионален пат. Благодарност упати и до родителите на децата со кои работи, чија доверба, како што вели, носи огромна одговорност, но и неизмерна чест.
„Ова значајно признание е резултат на долгогодишна посветеност, професионална работа, вложен труд и љубов кон образованието и учениците“, оцени Министерството за образование и наука, кое минатата недела ги објави имињата на добитниците на кариерни унапредувања.
Во македонскиот образовен систем, звањата „наставник ментор“ и „наставник советник“ се кариерни звања што се добиваат како признание за професионален развој, искуство и квалитет во работата.
Милена Илиќ Пешиќ повеќе од две децении работи како дефектолог во ООУ „Браќа Миладиновци“ во Куманово.
Докторирала на Филозофскиот факултет во Скопје, на Институтот за педагогија, стекнувајќи се со научното звање доктор по педагогија. По професија е дефектолог, а магистерските студии ги завршила на Филозофскиот факултет во Скопје, на Институтот за специјална едукација и рехабилитација, на насоката ментална ретардација и аутизам. Дипломирала на Факултетот за дефектологија во Белград.