Денеска почнува владиниот проект Поврат на ДДВ
Од денеска граѓаните ќе можат да ја преземат апликацијата Мој ДДВ преку која ќе можат да праваат поврат од 15 отсто на платениот данок на додадена вредност.

Со реализацијата на владиниот проект Поврат на ДДВ, со кој, според Владата, на граѓаните би требало годишно да им се враќаат околу 50 милиони евра.
Право на поврат на ДДВ ќе има секое лице над 15 години со важечка лична карта и трансакциска сметка, а просечно четири члено семејство има можност преку повратот на дел од ДДВ да оствари дополнителен приход до 28.800 денари годишно.
Повратот на ДДВ ќе се прави преку скенирање баркодови на фискалните сметки најдоцна во рок од 10 дена од издавањето на сметката. Ќе важи само за граѓаните и за фискални сметки до 30.000 денари, но не и за фактури и сметки со сметкопотврди. Нема да се однесува за сторнирани фискални сметки и ќе препознава дали сметката е исправна или не, односно фиктивна компјутерска. На ранливите категории и постарите лица кои не се во можност да го направат тоа ќе им помагаат мобилните екипи и мобилните даночни шалтери на УЈП и 80 волонтери. Ќе има на располагање и баркод читачи, мобилни телефони во сите организациски единици на УЈП преку кои ќе се врши читањето и киоск апарати, а на еден мобилен телефон ќе биде оставена можност да има повеќе профили.
За парите кои ќе се добијат како поврат на ДДВ граѓаните нема да се плаќа персонален данок.Првата исплата ќе биде во декември 2019 година директно на сметките на граѓаните, а потоа на секои три месеци, односно во февруари, мај, август и ноември.