Депонијата „Краста“ сѐ уште чади, Пчињани најавуваат петиција и радикални мерки
Пожарот на депонијата „Краста“, кој трае веќе неколку дена, повторно ги мобилизираше жителите на селото Пчиња.
Тие синоќа одржаа состанок на кој се договориле во најкус рок да поднесат конкретни барања до локалната и централната власт за трајно решавање на проблемот. Поддршка добиле и од жителите на околните села Студена Бара, Винце, Вакв, Биљановце, Романовце, Бабин Дол, Ново Село и Доброшане, како и од скопските села со кои граничат.

„Нашиот проблем не е политички ниту партиски, туку системски, бидејќи со децении не се решава. Од утре почнуваме со активности на терен и собирање потписи за петиција. Овој проблем мора да се реши. И ние сме граѓани на оваа држава, плаќаме даноци и имаме право на чист воздух, наместо секојдневно труење. Имаме зголемен број млади луѓе и деца заболени од карцином, а зголемена е и смртноста. Сметаме дека сето тоа е последица на загадениот воздух. Тоа повеќе нема да го толерираме. Ќе се организираме и во наредните денови ќе излеземе со конкретни ставови и барања“, велат од Месната заедница на селото Пчиња.
Жителите тврдат дека депонијата гори веќе три месеци, а во последните денови состојбата дополнително ескалирала. Тие стравуваат дека со доаѓањето на летото повторно ќе бидат загрозени нивните имоти, бидејќи пожарот неконтролирано се шири и кон околните ниви.
Тие се прашуваат зошто надлежните служби во Министерството за животна средина, Државниот инспекторат и локалните инспектори не интервенираат и не ја затворат депонијата, како што постапуваат во други градови, кога има ваков проблем.

Во изминатиот период реагирале до ЈП „Чистота и Зеленило“, од каде што им било кажано дека постапуваат согласно своите можности и дека пожарот го затрупуваат со земја, но дека немаат доволно средства и капацитети за друго решение.
Од Секторот за инспекциски надзор при Општина Куманово, направиле увид на лице место, при што биле констатирано дека јавното претпријатие кое стопанисува со депонијата со земја и вода го гасне пожарот.
Жителите потсетуваат дека депонијата не го загадува само селото Пчиња, туку и целиот регион, поради што ги повикуваат граѓаните на Куманово масовно да ги поддржат и да им се придружат во борбата за конечно решавање на овој долгогодишен проблем.