Мени

Дете падна од балкон во напуштениот Пионерски дом во Куманово

30.04.2026 17:34 | Сузана Николиќ


Малолетно дете е повредено откако паднало од тераса во напуштениот Пионерски дом во Куманово. Според полицијата, случајот бил пријавен од лекар од Итната медицинска помош, каде детето било донесено со повреди. 

Дете падна од балкон во напуштениот Пионерски дом во Куманово

„Детето повредите ги здобило при пад од тераса во запуштен објект на улицата „Кирил и Методиј“ во Куманово. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопшти полицијата.

Увид извршила екипа на СВР Куманово.

Поранешниот Дом на пионери е во сопственост на Министерството за труд и социјална политика, а во 2018 година приземјето беше преадаптирано во детска градинка. Иако тогаш беше најавена реконструкција на целиот објект, тоа никогаш не се реализира. Напротив, зградата остана незаштитена и стана мета на крадци – беше однесено сè што можеше да се демонтира, па денес останаа само голи ѕидови.

Некогашното омилено катче за детско творештво денес е руина преполна со смет и шут, засолниште за бездомници и корисници на наркотични средства, и претставува сериозна закана за безбедноста и здравјето на граѓаните.

Состојбата во која се најде Пионерскиот дом е директна последица на неодговорното и недомаќинско однесување на надлежните институции. Општина Куманово уште пред десетина години го бараше објектот – најпрво од владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а подоцна и од СДСМ, но и во двата обиди не успеа.

Наместо да се стави во функција на граѓаните, делови од објектот се издаваа на приватни фирми, телевизии и угостителски објекти, по што практично започна неговото пропаѓање и уништување, пред очите на целата кумановска јавност.