Мени

Долг од 15 милиони евра има Општината, јавните претпријатија и училиштата во Куманово, велат од Левица

22.05.2026 14:38 | KumanovoNews

Вкупниот долг на Општина Куманово, заедно со нејзините јавни претпријатија, установи и училишта, изнесува запрепастувачки 951 милион денари или над 15 милиони евра, тврдат од партијата Левица.

Долг од 15 милиони евра има Општината, јавните претпријатија и училиштата во Куманово, велат од Левица

Според соопштението испратено до медиумите, а врз основа на јавно достапни информации, од партијата велат дека заклучно со март 2026 година, ЈП „Водовод“ Куманово има јавен долг од 596 милиони денари или речиси 10 милиони евра, и е меѓу 12-те најзадолжени државни субјекти.

„Потоа, на високото 28. место од вкупно 1.248 субјекти на ниво на цела држава, се наоѓа ЈП „Чистота и зеленило“ со долг од 268 милиони денари или 4,3 милиони евра. Ова е истото претпријатие кое во претходниот мандат го раководеше Ненад Стојановски, во чиј мандат, поради неплатени обврски, беше блокирана сметката на претпријатието, а беше запленуван и движен имот“, велат од партијата.

Оттаму додаваат дека градоначалникот Максим Димитриевски, заедно со целата политичка елита во Куманово, со децении ги доведувал јавните претпријатија пред тотален колапс, со крајна намера тие евентуално да бидат приватизирани.

„Јавните претпријатија се доведени во ситуација да служат исклучиво како наплатни центри, а можат и мораат да бидат моторот што го развива Куманово, што ги асфалтира патиштата, ја спроведува канализацијата и редовно ја развива и одржува водоводната мрежа. Парализирани јавни претпријатија значат и парализирано Куманово.“

Од Левица бараат да се изврши ревизија на работењето на сите јавни претпријатија, со цел да се утврди дали постојат финансиски недоследности и евентуални злоупотреби.