Дрвосечачите од денеска на нова локација-кај Економското училиште
Работниците кои сечат огревно дрво со моторни пили, од денеска ќе бидат лоцирани кај Економското училиште во Куманово.

Ова денеска го договориле претставници од Советот, СВР Куманово, невладини организации и дрвосечачите, откако вчера тие побараа да се вратат пред зградата на некогашен Архив, затоа што останале без работа откако ги тргнале од улицата.
Дрвосечачите се жалат дека граѓаните кои имаат потреба од нивната услуга не можат да ги најдат на новата локација кај Спомен костурницата, па поради тоа им трпи работата, а семејствата им се соочуваат со егзистенцијални проблеми.
„Ние сме свесни дека сметаме на улицата, но каде да одиме? Нека одредат надлежните место и нека објават каде ќе работиме и ние таму ќе отидеме. Вака не бркаат од едно на друго место. Луѓето не знаат каде да не најдат, а сега ни е сезоната и ако не земеме некој денар ќе останеме гладни зимоска. Работиме чесно, не крадеме за да не приведува и брка полицијата“, - вели еден од луѓето.
Откако е постигнат договор, работниците ги повикуваат граѓаните да ги бараат кај спортската сала, а тие ќе го почитуваат договореното со надлежните. Дрвосечачите и порано работеа на оваа локација.