Мени

Општина Куманово ќе пренамени 4 милиони денари од одржување на улиците за поправка на механизацијата за „Краста“

05.10.2026 16:52 | Сузана Николиќ

Советот на Општина Куманово денеска донесе одлука да се издвојат 4 милиони денари од општинскиот буџет за поправка на механизацијата на ЈП „Чистота и зеленило“, која се користи за гаснење на пожарот и санација на депонијата „Краста“.

Општина Куманово ќе пренамени 4 милиони денари од одржување на улиците за поправка на механизацијата за „Краста“

На вонредната седница, со 18 гласа за и пет воздржани, советниците на мнозинството дадоа поддршка за пренамена на средствата од Програмата за одржување и заштита на локалните патишта и улици во Куманово, за санација на депонијата. Опозицијата беше воздржана, а советниците на ДУИ ја напуштија седницата на самото поименично гласање.

Првично беше донесен заклучок да се пренаменат 2 милиони денари од тековните резерви на Советот, но одлуката беше изменета по предлог на градоначалникот.

„Во врска со измената на распоредот на буџетот на Општина Куманово за 2026 година, а со цел да се изврши поправка на механизацијата за тековно санирање на депонијата „Краста“, Секторот за финансии, по предлог на градоначалникот, одлучи да пренамениме двојно повеќе средства од Програмата за одржување и заштита на локалните патишта и улици, во износ од 4 милиони денари, кои ќе се префрлат на Општинскиот штаб за заштита и спасување“, истакна Фросина Милковска, овластен помошник-раководител на Секторот за финансиски прашања.

Станува збор за средства предвидени за летно одржување на јавни и сообраќајни површини. Од вкупно предвидените 15 милиони денари, 4 милиони денари ќе бидат пренаменети за решавање на проблемите со депонијата „Краста“.

Советникот од СДСМ, Томица Илиќ, оцени дека ваквата одлука претставува купување време со цел да се спречи најавената блокада од жителите на Пчиња и околните села. Тој праша дали е законски издржано да се кратат средствата од програмите за комунални дејности, посочувајќи дека итноста не смее да биде причина за прекршување на законот.

Владимир Михајловски, Советник од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека ситуацијата е интервентна и изрази надеж дека проблемот брзо ќе биде надминат.  Тој побара советници да дадат поддршка за да се обезбедат потребните сретства, а за жителите на Пчиња кажа дека со најавата за блокада ја забрзале реакцијата на советниците, која била пасивна.

Одлуката беше донесена откако на редовната седница директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Сашо Томиќ, кажа дека претпријатието нема доволно финансиски средства за одржување на механизацијата неопходна за работа на депонијата „Краста“.