Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Два нови случаи на пертусис денеска се потврдени во Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Куманово.
Со тоа бројката на активни случаи се искачи на тројца, откако бил регистриран заболен на почетокот на јуни. Од првиот случај на почетокот на февруари досега регистрирани се 36 случаи.
Заболените се 16 годишен ученик и дете од 1 година. Тие се ставени во изолација со препишана терапија, а епидемилошката анализа не покажала поврзаност. Тинејџерката е целосно вакцинирана, додека едногодишното дете до сега нема примено ниту една доза од ДиТеПер вакцината.
„Трите случаи се ставени под терапија и под надзор од нивните матични лекари, кои будно ја следат состојбата. По пет дена од првата терапевстка доза, заболените се враќаат на своите редовни активности, секако доколку целокупната состојба тоа го дозволува. Епидемијата на голема кашлица во град Куманово е во тек, не смееме да се опуштаме. Охрабрувачки е што од вкупно 36 случаи од почетокот на февруари, само шест до сега се хоспитализирани, кај останатите пациенти лечењето се одвива во домашни услови“, истакна епидемиологот д-р Едита Рамизи.
Прогласената епидемија во Куманово уште трае, а надлежните велат дека ја следат состојбата.
Во текот на мај се потврдени 6 случаи на голема кашлица во Куманово.
Првите случаи на голема кашлица во Куманово беа забележани во почетокот на февруари, а два месеци подоцна, на 2 април беше прогласена епидемија. До тој момент во Куманово беа потврдени 23 позитивни на присуство на бактеријата. Во првата половина на јуни вкупната бројка изнесува 36. Меѓу нив има различни возрасни групи, од 2-месечно бебе, до лице на 60 години. Разновиден е и вакциналниот статус на сите потврдени случаи, од целосно вакцинирани, имунизирани според вакциналниот календар, преку нецелосно вакцинирани или лица кои не примиле ниту една доза од вакцината.
ЦЈЗ Куманово информираше дека во Општина Липково се забележани 5 случаи на пертусис од различни населени места, а во Кратово и Крива Паланка по 4.