Мени

Кривична пријава и притвор за жител на Черкези поради заканувачки коментар за премиерот

14.09.2026 11:33 | KumanovoNews

Жител на кумановската населба Черкези заработи осумдневен притвор и кривична пријава за загрозување на сигурноста, затоа што на социјална мрежа напишал заканувачки коментар против премиерот Христијан Мицкоски.

Кривична пријава и притвор за жител на Черкези поради заканувачки коментар за премиерот

Отсекот за компјутерски криминал при СВР Куманово, во содејство со Секторот за компјутерски криминал и Одделот за криминалистичка полиција при БЈБ, поднел кривична пријава по брза постапка против А. Д. од селото Черкези, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Загрозување на сигурноста“ по член 144, став 5 од Кривичниот законик.

„Во петокот, 11 септември, на објава на профилот на претседателот на Владата на социјална мрежа, пријавениот напишал коментар со заканувачка содржина. Од судија на претходна постапка на пријавениот му е определена мерка притвор во траење од осум дена“, соопшти МВР.

Од Основното јавно обвинителство во Куманово, велат дека осомничениот, во пораки преку социјални мрежи, го навредувал и му се заканувал на претседателот на Владата.

„Ценејќи ги околностите на извршување на делото, ризикот од бегство, а особено фактот дека осомничениот се јавува како извршител на други кривични дела од областа на насилниот криминал – насилство, лихварство и поголем број на прекршоци за нарушување на јавниот ред и мир, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.Притоа, согласно обезбедените докази во однос на претходното поведение на осомничениот, станува збор за конфликтна личност која влегува во постојани расправии, закани и физички пресметки со пријавители, па се оценува дека постои реален ризик ваквите агресивни испади да прераснат во потешки кривични дела со животозагрозувачки последици со кои се заканува“, соопшти ОЈО Куманово.