Мени

Седум и пол години затвор за жената - жртва на семејно насилство која ги уби сопругот и свекорот во Кратово

01.06.2026 16:48 | Сузана Николиќ

Вангелица Илиевска (36) од Кратово денеска во Основниот суд во Куманово е осудена на единствена казна затвор од 7,5 години за двојно убиство.

Седум и пол години затвор за жената - жртва на семејно насилство која ги уби сопругот и свекорот во Кратово

Според обвинението, на 13 јуни 2024 година, во семејната куќа во Кратово, за време на семејно насилство, со умисла ги убила својот сопруг Јован и свекорот Стојан.

На денешното рочиште, по предлог на обвинителот, делото беше преквалификувано од убиство со умисла во убиство на миг, врз основа на наодите од супервештачењето изработено на Клиниката за психијатрија во Скопје. Во вештачењето се наведува дека Илиевска дејствувала во состојба на силна и нагласена раздразнетост без своја вина, откако била нападната од сопругот, па во страв за сопствената безбедност, во состојба на интензивен афект, ги извршила убиствата.

Судијата Саша Ѓорѓевиќ, образложувајќи ја пресудата, истакна дека семејното насилство станува сѐ почеста појава и дека е потребна одлучна реакција на институциите за заштита на жртвите. Во конкретниот случај, рече сите се жртви.

„Најмногу оние кои што се починати, затоа што Вангелица немала можност и храброст да го прекине бракот кој не функционирал, и останала поради децата мислејќи дека ќе издржи. Но, сигурно дека не го планирала животот кој сега и се случува, да убие свој близок и голем дел од својата младост да ја помине во  затвор“, кажа судијата. 

Тој појасни дека Судечкиот совет, врз основа на признанието на вина од обвинетата, ја прогласил за виновна за две кривични дела „убиство на миг“ по член 125 од Кривичниот законик.

„За двете кривични дела ѝ се утврдуваат казни затвор од по четири години и шест месеци, а потоа ѝ се изрекува единствена казна затвор во траење од седум години и шест месеци. Во казната ќе биде пресметано и времето поминато во притвор“,  изјави Ѓорѓевиќ.

По изрекувањето на пресудата реагираше сестрата и ќерката на убиените, која рече: „Судија, се извинувам, но нема правда, дефинитивно“, по што демонстративно ја напушти судницата. Во исто време, обвинетата заплака и рече дека уште седум години нема да ги види своите деца.

Адвокатот на Илиевска, Кристијан Георгиевски, изјави дека не е задоволен од пресудата и најави можност за жалба до повисоките судски инстанци со цел намалување на казната.

„Одбраната повеќе од две години се обидуваше да докаже дека настаните не се случиле онака како што тврдеше обвинението. Денеска, на изненадување на одбраната, Обвинителството изврши преквалификација на делото, односно оцени дека убиствата биле извршени во состојба на силна раздразнетост и во услови на семејно насилство, што значително ја смени нашата стратегија. По консултација со обвинетата, одлучивме да ги признаеме двете кривични дела“, рече Георгиевски.

Во текот на постапката тој тврдеше дека Илиевска дејствувала во нужна одбрана, бидејќи повеќе од десет години била жртва на семејно насилство. Според адвокатот, таа трпела физичко и психичко малтретирање од членовите на семејството, а останувала во бракот единствено поради децата. Тој посочи и дека институциите потфрлиле, бидејќи и покрај повеќекратните барања за помош до полицијата и Центарот за социјални работи, не добила соодветна заштита.

Според обвинението, крвавиот настан се случил во семејната куќа на сопружниците. По расправија, Јован ја нападнал сопругата удирајќи ја со тупаници по главата и телото. Ја оттурнал кон кујната, а во моментот кога ја фатил за вратот и почнал да ја дави, таа земала нож од работната маса и му нанела два убода во пределот на градите и стомакот. Во тој момент во просторијата влегол свекорот, кого исто така го прободела во градите. Двајцата починале од здобиените повреди.

На Илиевска ѝ е продолжен куќниот притвор до правосилноста на пресудата. Нејзините деца во моментов се згрижени кај нивната тетка во Кратово.