Електричени тротинети можат да возат само полнолетни лица, стапија во сила новите правила
Министерството за внатрешни работи и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) започнаа кампања за безбедно управување со лесни електрични возила, потсетувајќи ги граѓаните на новите законски правила што стапија во сила со измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Со измените, минималната возраст за управување со електричен тротинет е зголемена од 14 на 18 години. Законот го дефинира лесното електрично возило како возило со најмалку две тркала, со електромотор до 0,6 kW, максимална конструкциска брзина до 25 километри на час и тежина без товар до 35 килограми.
Новите правила предвидуваат максимална брзина од 20 километри на час на велосипедски патеки и ленти, додека на тротоари, пешачки патеки и други површини наменети за пешаци ограничувањето останува 6 километри на час.
Возачите на лесни електрични возила при преминување преку коловоз или обележан пешачки премин се должни да го туркаат возилото доколку нема посебна патека или лента за тој вид возила.
Со измените се забранува превоз на друго лице со електричен тротинет. За прекршувањето се предвидени глоби и за возачот и за лицето што се превезува.
Задолжително е носење заштитен шлем при управување со возилото, а и понатаму останува обврската за носење рефлектирачки елек од првиот самрак до целосно разденување и во услови на намалена видливост.
Законот воведува и целосна забрана за управување со лесно електрично возило под дејство на алкохол, при што висината на глобата ќе зависи од утврденото количество алкохол во крвта.
За одредени прекршоци, покрај паричните казни, предвидено е и привремено одземање на лесното електрично возило во траење од 30 дена.
Од МВР најавуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со засилени превентивни и репресивни активности и контроли на терен, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот.
„Безбедноста во сообраќајот е заедничка одговорност. Да ги почитуваме правилата, да возиме совесно и да придонесеме за побезбедни патишта за сите“, апелираат од Министерството за внатрешни работи.