Францускиот амбасадор импресиониран од културното богатство во Кумановскиот музеј
Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние е воодушевен од културното наследство на Куманово, по посетата на постојаната поставка во Народниот музеј.

Тој вели дека нашето културното богатство треба да се покаже на светот, бидејќи само така повеќе ќе се вреднува.
„Јас сум импресиониран од објектот во кој се наоѓа музејот. Видов културно наследство кое заслужува да биде покажано во Франција и во светот. Посебно вазната од стакло во која има друг стаклен предмет, којшто е исклучителен. Тоа покажува дека Македонија има што да покаже и има богатство што треба да се види и да се вреднува, - изјави амбасадор Тимоние.
Посетата била искористена за договор за отпочнување на соработка помеѓу Кумановскиот музеј и Француската амбасада, заради поголема промоција на артефактите и подршка на проекти кои ќе го подобрат пристапот до зградата на музејот.
„Сакам да се заблагодарам на амбасадорот што не посети. Како човек од културата му го покажавме богатството што го има Куманово како град, меѓутоа истотака и инициравме нови проекти се со цел ова богатство да го презентираме не само пред светската јавност, туку и на луѓето кои имаат пречки во движењето, а ние имаме проблем со пристапноста до музејот. Сакаме музејот Куманово да биде подостапен на сите категотии на граѓани, - изјави Дејан Георгиевски, директор во Кумановскиот музеј.
Амбасадорот ветил дека ќе помогне да се уреди музејот така како што замислуваат вработените.