Мени

Горивата поскапуваат од два до 2,5 денари по литар

04.05.2026 15:23 | KumanovoNews

Бензините од ноќеска на полноќ поскапуваат за 2,5 денари, а цената на дизелот се зголемува за два денари по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).

Горивата поскапуваат од два до 2,5 денари по литар

Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 3,47 отсто.

Новата максимална малопродажна цена на еуросупер БС – 95 е 85 денари за литар, еуросупер БС – 98 ќе се продава за 87, еуродизел БС (Д-Е V) за 93,5, а екстралесното масло за горење (ЕЛ-1) за 98,5 денари за литар. Со одлуката на РКЕ за 3,064 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС и ќе изнесува 49,720 денари.

Од РКЕ посочуваат дека референтните цени кај сите нафтени деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување и тоа кај бензините во просек за 5,324 отсто, кај дизелот за 2,817, кај екстралесното масло за 3,394 и кај мазутот за 8,305 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,3444 отсто.