Граѓани шетаат деца и миленичиња на атлетската патека, спортистите се жалат дека не можат да тренираат
Единствената современа атлетска стаза во Куманово, лоцирана покрај Соколанскиот парк, се уништува од несовесни граѓани, кои по неа шетаат деца и кучиња, возат велосипеди или ролери, и со тоа го попречуваат тренирањето, обвинуваат професионалните спортисти и рекреативци во градот.

Тие реaгираат дека на атлетската стаза доаѓаат луѓе кои немаат никакви допирни точки со спортот туку само пречат и ги вознемируваат со нивните прошетки и детски игри.
„За добро на сите културни и нормални граѓани, научете веќе еднаш дека атлетската патека е само за трчање. Тоа е специјална подлога која чини многу пари. Таа не е наменета за шетање и истурање на пепел од цигари, ниту пак за возење на велосипеди, тротинети и ролери. Ги замолувам градоначалникот и надлежните луѓе да реагираат. Навистина е доста од овој хаос, некултура и безобразие,“ видно револтиран напиша Оливер Милорадовски, спортист.
Спортистите и рекреативците кои секојдневно се на атлетската стаза, велат дека тие редовно се обидуваат да им укажат на луѓето, дека тоа место е единствено наменето за трчање, но залудно. Тие додаваат дека иако има поставено корпи за отпадоци, несовесните и некултурните луѓе го фрлаат ѓубрето на трибините и на патеките.
Од училиштето „Наце Буѓони“ велат дека тие се грижат за патеката и реагираат на несовесното однесување на поединци, особено кога ќе видат дека влегуваат со милениче или со ролери и тротинет, но дека не можат да го ограничат влезот на другите граѓани, затоа што тој е слободен и не се наплаќа.
„Ние имаме чувар кој воведува ред и им кажува на луѓето дека овој простор не е наменет за шетање на кучиња. Честопати се караат со нас, ама се трудиме да го ослободиме местото за спортистите и другите поголеми групи кои некогаш се најавуваат, “ кажа директорот Драган Јаневски.
Во врска со наведените оштетувања, тој посочи дека од долго и редовоно користење, стазата е нормално да претрпи некои промени и вдлабнувања поради местоположбата на која е поставена.
(Д.Давитковски)