Граѓаните делумно задоволни од здравствените услуги, недостига опрема, кадар и навремено лекување, покажа анкетата на Кумановоњуз

22.04.2021 - 09:11

Граѓаните од Североисточниот регион се делумно задоволни од здравствените услуги во јавните и матични установи, најмногу се жалат на недостиг на опрема и апаратура, медицински персонал и долго чеќање за закажување на прегледи преку системот „Мој термин“. Сметаат дека недостасуваат сите специјалности, а најмногу интернисти/кардиолози, хирурзи, трансфузиолози и гинеколози.

Граѓаните делумно задоволни од здравствените услуги, недостига опрема, кадар и навремено лекување, покажа анкетата на Кумановоњуз

Дури 74, 9% од учесниците во анкетата биле спречени да ги извршат потребните прегледи и интервенциите поради пандемијата, а на 37,4% им се вложила здравствената состојба, главно заради неконтролираните здравствени проблеми. Над 90% не се задоволни од услугите на Општата болница Куманово, и се жалат на несоодветна апаратура, недостиг на просторни услови, специјалисти и нељубезен персонал.

Ова се главните заклучоци од анкетата што Кумановоњуз ја спроведе во периодот од 22 март до 3 април годинава, со цел да ги детектираме „слабите точки“ на здравствениот систем на ова подрачје и да дадеме придонес во актуелизирањето на потребата од обезбедување на поквалитетни здравствени услуги за граѓаните.

Во анкетата учествуваа 247 граѓани од 6-те општини од Североситочниот регион, при што најмногу одговори добивме од жителите од Куманово (74,5%), а потоа од Крива Паланка и Кратово. Според полот, жените беа застапени во поголем број, односно со 60,7%, а најмногубројни беа испитаниците на возраст од 18-35 години (42,9%) и од 36-50 години (42,15).

Според резултатите, граѓаните се поделени во однос на задоволството од здравствените услуги што ги добиваат од јавните здравствени услуги. Само 5,7% се изјасниле како задоволни, а 47,3% се делумно задоволни, додека останатите 47% воопшто не се задоволни од третманот во јавното здравство.

Најмногу забелешки имаат на недостигот и застареноста на опремата, апаратурата и состојбата во која се наоѓаат здравствените објекти, потоа недоволниот број на специјалисти, долгото чекање за закажување на прегледи преку системот „Мој термин“, но и на неквалитетните здравствени услуги и нељубезниот персонал. Поразително е што само 0,7% од анкетираните немаат забелешки и се задоволни од услугите во јавното здравство.

Граѓаните сметаат дека Североисточниот регион се соочува со недостиг на лекари специјалисти од сите дејности, заради што се приморани да одат во другите здравствени центри во државата, што им одзема не само време и пари, туку делува и на навремената и редовна здравствена грижа. Сепак, според нивните потреби, тие сметаат дека најнеопходни се интернисти/кардиолози за што се изјасниле 24,3% од испитаниците, потоа следуваат хирурзи (20,6%), трасфузиолози (10,1%) и гинеколози (8,9%). Подеднакво недостасуват и психијатри, невролози, офталмолози и физијатри, а граѓаните имаат потреба и од пулмолози, ортопеди, инфектолози, енгдокринолози и други специјалности.

Овој недостиг се регистрира во сите општини од регионот, каде на прсти се бројат специјалистите, но за одбележување е што и граѓаните од Куманово, како единствен регионален центар, посочуваат на недостиг на голем број специјалности.

На прашањето, пак, за задоволството од услугите на матичните лекари 116 лица одговориле дека се делумно задоволни, 33 воопшто не се задоволни, а 98 биле задоволни од здравствената грижа на своите избрани матични лекари.

Вкупно 29,3 од анкетираните најмногу забелешки имаат на тоа што матичните лекари не биле достапни 24/7 за своите пациенти, а 22,5% одговориле дека тие не се грижат доволно за нивното здравје. Забелешки има и што овие лекари не ги посетуваат пациентите во домашни услови, кога имало потреба за тоа, како што се изјасниле 18, 2% од испитаниците.

Сепак, близу 30% немаат забелешки на работата на своите матични лекари и потврдиле дека тие им биле достапни и за време на пандемијата и редовно вршеле прегледи. Понатаму, 23,5% од учесниците во анкетата се изјасниле дека матичните лекари биле достапни само за рецепти и ги лекувале само по телефон (21,3%) или исклучиво при итни случаи (18%). За 6,4%,пак, матичните лекари воопшто не биле достапни за потребните здравствени услуги за време на корона кризата.

Пандемијата со коронавирусот очигледно предизвикала големи проблеми на граѓаните во поглед на контролата и грижата за нивното здравје.

Така , дури 74,9% од испитаниците били спречени да ги извршат потребните прегледи или интервенции, а дури 46,5% се изјасниле дека спаѓаат во групата хронични болни и тоа најмногу од срцеви, ревматски, автоимуни и ретки болести.

Дури на 34,4% од нив, пак, им се влошила здрвствената состојба за време на пандемијата, главно заради неконтролирана здравствена состојба, како што потврдиле 39,8% од анкетираните. Одложените интервенции биле причина за вложување на здравјето на близу 20% од хронично болните граѓани, а исто толку не ја знаат причината, додека необезбедената терапија и одложените интервенции влијаеле на здравјето 20% од оваа ризична група.

Од вкупно 247 граѓани, кои одговориле на анкетата на Кумановоњуз, вкупно 24,43% прележале ковид, но 6,1 % од нив се жалат дека не добиле навреме терапија. Тие ги пренесуваат своите искуства дека матичните лекари не биле заинтересирани да ги лекуваат, дека чекале многу време за тестирање и соодветен третман, имало многу гужви, а недоволно медицински персонал и дека многумина биле лечени исклучиво преку телефон.

Од ситуацијата на теренот, што е потврдено и со анкетата, се знае дека само во здравствените установи во Куманово се вршат ПЦР тестови, додека во останатите општини на граѓаните им се достапни само брзи тестови. Исто така, во Крива Паланка, Кратово, Старо Нагоричане, Липково и Ранковце нема болничко згрижување на пациентите болни од ковид-19, и за нив е обезбедена само здравствена грижа со домашни посети.

Поради огромниот наплив на пациенти од целиот Североисточен регион со над 200 000 жители, Општата болница Куманово нема капацитет да се справи со сите пациенти. Така, дури 90,3% од анкетираните одговориле дека Општата болница Куманово не ги задоволува потребите за здравствени услуги на сите пациенти. Според нивните одговори за тоа недостасува опрема и апаратура, медицински персонал, просторни капацитети, но и одговорен и љубезен кадар.

Како критични точки граѓаните ги посочуваат објектите кои стари повеќе од 50 години, кои се дотраени и не обезбедуваат достоинствени услуги за пациентите. Често се работи и со застарена опрема, која е повеќе расипана отколку во функција, а пациентите се принудени да одат во други центри на лекување заради недостиг на стручен кадар и апаратура.

Граѓаните споделија искуства и за одложување на наједноставни операции поради пандемијата, а се жалат и на долго чекање во лабораторијата и за рентген снимања, заради што се принудени да одат во приватни здравствени установи и да плаќаат високи цени, иако имаат здравствено осигурување. Дел имаат искуства и со недостоен третман на старите лица, шалтерското работење, паѓање на системот, шетање од едно до друго одделение заради некординација и недоволна организираност во работењето. Велат, ако немаш свој човек, тешко ќе завршиш работа.

Но, она на што најмногу имаат забелешки е непримерното и нељубезно однесување на персоналот, кој нема однос кон пациентот во корелација со обврската што ја налага избраната професија, која треба да биде почитувана од сите.

Сепак, граѓаните споделија и позитивни искуства од здравствените установи и Општата болница Куманово, пред се кон поединечни лекари и друг медицински персонал, а најмногу кон Инфективното одделение кое пожртвувано работи и се справува со борбата против ковид-19.

(Тим Кумановоњуз)


2008 - 2021 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk