Граѓаните да се вклучат во чистење на Градските гробишта пред Богородица, повикуваат надлежните
Општина Куманово и ЈП „Чистота и зеленило“ ќе организираат акција за расчистување на Градските гробишта пред христијанскиот празник Голема Богородица, кој се одбележува на 28 август.
Во рамки на акцијата ќе се коси и чисти просторот околу гробните места, а надлежните апелираат до граѓаните да се вклучат и да ги исчистат парцелите кои се во нивна сопственост.
„Акцијата за чистење на гробиштата ќе се спроведе на 21, 22 и 23 август. Во оваа прилика ги повикувам сите граѓани кои се сопственици на парцели со семејни гробни места да се вклучат, бидејќи тоа е и нивна обврска. Станува збор за приватна сопственост и личен имот за кој тие мораат да се грижат“, кажа градоначалникот Максим Димитриевски.
Тој најави дека сопствениците на парцелите ќе бидат известени и преку СМС-пораки за акцијата и времето во кое ќе се одвива.
Директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Сашо Томиќ, кажа дека ќе имаат поддршка и од другите јавни претпријатија, како и општествено одговорни компании, кои ќе помогнат во собирање и изнесување на отпадот.
„Сите капацитети на претпријатието ќе бидат ставени во функција на акцијата, со цел да се подобри хигиената на гробиштата. Се надевам дека ќе има голем одзив и од граѓаните, кои дополнително ќе бидат известени за времето на акцијата“, кажа Томиќ.
Пред христијанскиот празник Голема Богородица, граѓаните масовно ги посетуваат вечните почивалишта на своите најблиски, а многу често се жалат дека во летниот период гробиштата не се одржуваат редовно, поради што се обраснати во висока трева и паднати дрвја.