Мени

Кризниот штаб ги повикува граѓаните и месните заедници да помогнат во расчистувањето по невремето

24.07.2026 13:14 | Сузана Николиќ

Општинскиот штаб за заштита и спасување во Куманово ги повика граѓаните активно да се вклучат во расчистувањето на последиците од невремето и да не чекаат тоа да го сторат само надлежните служби, бидејќи за санирање на штетите се потребни време и дополнителни ресурси.

Кризниот штаб ги повикува граѓаните и месните заедници да помогнат во расчистувањето по невремето

Секретарот на Општина Куманово, Елилија Сларидис-Јаневска, апелираше да се покаже совест и солидарност и сите, во рамки на своите можности, да помогнат во оваа вонредна ситуација.

„На денешниот состанок беше донесен заклучок Општина Куманово, преку своите служби, да ги повика претставниците на месните заедници да се вклучат во санирањето на штетите. Да ги стават на располагање сопствената механизација, моторни пили и соодветна опрема, како и асистирање при отстранувањето и расчистувањето на паднатите стебла, кои блокираат локални патни правци и ја загрозуваат безбедноста во населените места. Во селските средини ЈП „Чистота и зеленило“ не може да постапува при отстранување на паднатите дрвја, најчесто тополи, бидејќи станува збор за големи стебла, а претпријатието не располага со соодветна механизација. Дополнително, дрвјата се наоѓаат на приватни имоти, па во такви ситуации може да интервенира само ЈП „Македонски шуми““, изјави Сларидис-Јаневска.

Повикот уследи откако на социјалните мрежи се појавија видеа на кои се гледа како, додека работниците од надлежните служби ги расчистуваат последиците од невремето, додека граѓаните стојат со скрстени раце и снимаат со мобилните телефони, наместо да помогнат. Видеата предизвикаа бројни реакции и осуди во јавноста, со пораки дека граѓаните треба да покажат поголема општествена одговорност и да се вклучат во расчистувањето, барем пред своите домови и на улиците пред зградите.

На состанокот било договорено и да се упати повик до граѓаните кои имаат опасни или склонопадни дрвја во своите дворови да ги пријават во Општина Куманово. По пријавата, на терен ќе излезе комисија која ќе утврди дали е потребно нивно отстранување. Проценка на состојбата ќе се врши и на сите јавни површини, како и во дворовите на јавните установи.

Во Општина Куманово досега се поднесени девет пријави за штети предизвикани од невремето, а уште десетина пријавиле телефонски.

За пријавување на штети и потреба од помош при санирањето на последиците од невремето, граѓаните можат да се обратат на:

Општински штаб за заштита и спасување – 078/365-061
Територијална противпожарна единица (ТППЕ) Куманово – 193
Општина Куманово – 071/338-034