Груевски реизбран за лидер на ВМРО-ДПМНЕ
За Груевски гласаа 528 делегати, едно ливче беше неважечко
Со 528 гласа за и едно неважечко ливче од делегатите, Никола Груевска беше реизбран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ на 15. Конгрес на партијата што викендов се одржа во Куманово. Во своето обраќање, старо-новиот лидер најави дека во наредниот мандат ќе се посвети на економскиот развој на земјата и намалување на невработеноста на граѓаните.
Она што сакам да го ветам како нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ, како партија на власт, дека ќе продолжам да вложувам максимални напори на отварање на што повеќе работни места во земјата. Со тоа и на решавање на проблемот на невработеноста како најгорлив проблем на нашите граѓани, -рече Груевска.
Претседателот најави нови инвестиции, вработувања, а месецов ќе започне да се гради индустриската зона во Делчево, последна од планираните 14 технолошко-индустриски развојни зони. Десетина нерезидентни промотори веќе работат на пронаоѓање на странски инвеститори, а домашните компании ќе се поврзат со мултинационалните компании, со што ќе го зголемат пазарот и вработувањата.
“Големи очекувања имаме од проектот “Македонија вработува“. Очекуваме дека во наредните 12 месеци ќе се отворат 20.000 нови работни места во Македонија. Со проектот се таргетирани најранливите и најчувствителните групи во Македонија. Многу се трудиме инвеститорите да бидат распределени насекаде низ Македонија, а особено таму каде што сеуште не сме убедиле некој инвеститор да дојде. Во тој правец клучна е и подготвеноста на самите градоначалнци, со подготвени и правно чисти локации, со донесена инфраструктура. Кога инвеститорите бараат локација , немаат време да чекаат градоначалникот допрва да расчистува имотно-правни односи или да гради комуналии. Апелирам градоначалниците секогаш да работат на зголемување на бројот на индустриските зони или нивно проширување“ - изјави Груевски.
Ќе се градат патните правци Градско-Прилеп, Кочани-Штип, Охрид -Пештани, и многу локални патишта, а следната година ќе се градат патиштата од Ранковце кон Бугарија и од Штип кон Радовиш. Сето ова ќе ја раздвижи економијата и ќе ја зголеми вработеноста, рече Груевски и додаде дека заради деструктивните политики на СДСМ планираните роуд шоуа ќе се реализираат наесен.
“Ќе работиме на санирање на штетите кои СДСМ и ги прави на земјата низ цела Европа и низ светот. Со креираните материјали со кои се понадеваа дека ќе дојдат на власт и ни се закануваа да ни биде одземена препораката следната есен, за што сигурно Заев ќе отвори шампањско. Ќе се бориме со сите предизвици, ќе се бориме долгорочни и краткорочно. Затоа ВМРО-ДПМНЕ победува девет пати по ред, а СДСМ губи девет пати по ред. Затоа што имаме визија и резултати. Имаме стратегија и вложуваме огромен труд за нејзина реализација, дури и по цена кога краткорочно губиме поени за тоа. Затоа ги гасиме пожарите кои тие ги палат“- додаде Груевски.
Тој најави инвестиции во енергетиката, земјоделството, иновациите, образованието и други сектори, со цел постигнување на високи стандарди како во развиените земји.