„Христијан Карпош“ во проект со 38 училишта од светот
Основното училиште „Христијан Карпош“ од населбата „Перо Чичо“ е вклучено во проектот „Ајде да зборуваме англиски“, заедно со уште 38 партнер училишта од светот.

По тој повод минатата недела училиштето го посетија петнесетина ученици и наставници од турско училиште „Озлем“ од Истанбул и имаа можност да соработуваат и да ја запознаат културата на македонскиот народ.
„Секој месец имаме заедничка тема на која работиме, овој месец темата ни е пријателство, се истражуваат сличностите и разликите помеѓу двете наши држави и подоцна креираат различни постери за пријателство. Ние како наставници би сакале нашите ученици да гледаат на англискиот јазик како на неопходно средство за комуникација помеѓу припадниците на различни националности, а не само како на уште еден училишен предмет,“, -посочи Ана Нојковска, професор по англиски јазик во ОУ „Христијан Карпош“.
Тематските работилници во сите земји се одвиваат истовремено онлјан преку конференциска врска а единствена цел е да се воочи важноста за изучување на англискиот јазик. Координаторката на проектот Озлем Толар од турското училиште смета дека образовниот систем на двете земји е доста сличен, а дека целта на проектот е дружењето и разбирањето на деца од регионот и светот. Таа првпат доаѓа во Македонија и многу и се допаѓа градот и државата, како и комуникција и отвореноста на учениците. Гостите од Турција имаа можност да присуствуваат на прославата по повод Денот на Европа на градскиот плоштад во Куманово и да се запознаат со нивни врсници од градот.
Во рамки на проектот планирана е возвратна посета во Истанбул која би требало да се одржи наредната година. Инаку во проектот освен „Христијан Карпош“ вкучено е и основото училиште „Толи Зордумис“ од Куманово, а останатите се образовните установи од Турција, Велика Британија, Италија и Шпанија.
Проектот е одобрен од Националната агенција за образовни програми и мобилност на Република Македонија.