Ин Мемориан: Почина режисерот Лазар Ѓорѓевиќ
Вчера ненадејно почина, нашиот сограѓанин познатиот филмски и телевизиски работник – продуцент и режисер Лазар Ѓорѓевиќ.

Погребот ќе се одржи денес 02.06.2017 во 14:00 часот на градските гробишта во Куманово.
Лазар Ѓорѓевиќ е филмски и телевизиски работник – продуцент и режисер, кој до пензионирањето работеше во МТВ. Во Фото Кино Клубот “Козјак” од Куманово е од 1963 година. Има многу филмски проекти како и ТВ остварувања.
По завршување на средно образование, конкурирал на Академијата за филм во Белград, но откако не бил примен почнал со работа на професионалниот филм. Играни филмови му се: 1967 година филм “Диви сенки” од Белград, 1969 година филм “Каде по дождот” од Белград, 1969 година филмот “Добра долина” - Скопје, 1971 година игран филм “Љубов во касаба” - Скопје, понатаму се редат и филмовите “Јап” на Кирил Целевски, “Најдолгиот пат” на Бранко Гапо, “Викенд на мртовци” на Коле Ангеловски како и филмовите на Димитрие Османли, Слободан Унковски, Славољуб Стефановиќ - Роваси, Иван Митевски, Љупчо Билбиловски и други.
Со непрофесионален филм се занимава уште од 1963 година и има режирано десетина документарни, играни како и неколку документарни филмови од професионалниот филм. Заедно со колегите филмски аматери има одржано повеќе филмски курсеви за теорија на филмот. Добитник е на повеќе авторски награди од областа на филмот како професионален и непрофесионален филм. Работел емисии за филмот со познати филмски звезди. Како, предсетадел и член на жири на повеќе филмски фестиваливо Македонија и поранешна Југославија (Сараево, Панчево, Загреб, Ниш, Лесковац, Битола, Штип, Куманово), школски олимпијади а бил член и селектор на регионална смотра на актерски театарски остварувања. Посетувал повеќе филмски фестивали (Пула, Белград) и други. Бил на повеќе филмски школи, семинари и др. каде како предавачи беа познати и пизнаени филмски автори, Лордан зафрановиќ, Здравко Малуда, Кокан Ракоњац и др. Поседува звање филмски аматер од I (прва) класа. Добитник е на Ноемвриска награда на град Куманово од областа на филмот и телевизијата. Член е на Друштвото за филмски работници на Македонија.
Последниве години, по пензионирањето, не престануваше со работа со млади и повозрасни соработници.
Учествуваше во аматерски, односно непрофесионални, како што тој знаеше да каже, сметајќи дека зборот аматерски е навредлив и во професионални продукции.
Со здружението на пензионери `Куманово`, Лазар Ѓорѓевиќ ја имаше подготвено кабаретската претстава `У кафанче карши Станче` одиграна многу пати во Куманово и други македонски градови, со забележителен настап на 50-от Драмски аматерски фестивал во Кочани во 2014-та година. Истата претстава беше најавена за изведба синоќа во Кавадарци.
Како долгогодишен член на фото-кино клубот `Козјак` од Куманово, последнава декада беше активен како предавач во склоп на филмската школа, одржувана во просториите на Народна техника од Куманово. Почнувајќи од 2010 година, наредните години образуваше и подучуваше заинтересирани филмски ентузијасти. Како стручен професионалец, Лазар Ѓорѓевиќ има дадено несебично учество и енергична помош во подготовка и снимање на филмови на учесниците во школата.
Беше присутен и виден во кумановскиот јавен простор. Чест посетител беше на изложби на слики и фотографии, како и на филмски проекции во градот, секогаш со друштво и во круг на свои познаници и пријатели.