×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Интервју со Оливер Спасовски: Ќе бидам тaму каде што сум најпотребен на граѓаните и на државата

    28.06.2020 07:42 | KumanovoNews

    Ќе бидам таму каде сум најпотребен на граѓаните и на државата, како и секогаш ќе работат посветено и искрено, со душa.  Во нашиот мандат ја изведовме државата на прав пат, дел сме од жива историја со интеграциските процеси, ги насочивме парите кај граѓаните, го ослободивме МВР од МВРО, донесовме слобода, покажавме грижа за сите, ги поставивме основните за правна држава. Куманово било и останува бастион на прогресивните идеи и водства и токму затоа ќе ја добиеме поддршката на граѓаните, рече меѓу другото Оливер Спасовски, премиер и носител на листата на коалицијата „Можеме“ во изборната единица 2.

    Интервју со Оливер Спасовски: Ќе бидам тaму каде што сум најпотребен на граѓаните и на државата

    Започна изборната кампања, деновиве постојано сте во контакт со граѓаните. Покрај стравот од коронавирусот, на што најмногу се жалат и што најчесто бараат да биде приоритет на новата Влада?

    Луѓето сакаат сигурност. Сакаат здравствена сигурност, социјална сигурност, економска сигурност, сакаат да живеат во стабилна држава. И го почитуваат направеното за време на здравствено-економската криза. Велат: „никого не оставивте без болничко лекување и без егзистенција“. Тоа носи блажина на душата дека сме на правиот пат. Затоа оваа опција „Можеме“ е победничка. Ги осигуравме граѓаните и државата со интеграциите во НАТО и ЕУ и со нашата посветеност на насочување на парите кон граѓаните и грижата буквално за сите.

    Една од главните причини поради кои инсистиравте изборите да се одржат што порано е тоа што државата нема функционални институции. Што ќе се случеше доколку ВМРО-ДПМНЕ одлучеше да ги бојкотира изборите. Имавте ли план Б за во таква ситуација?

    Датумот за избори го определуваат роковите, јасно беше дека штом заврши вонредната состојба, почнуваат да течат изборните дејствија. За нас беше јасно тоа и никакви Б или Ц планови немаше. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ со тоа што наддаваа половина месец, четврт месец, една недела, неколку дена во врска со датумот, уште еднаш ја покажаа крајната неодговорност кон граѓаните и државата, за едно така сериозно прашање какво што се изборите посебно во услови на светска здравствено-економска криза, кога на нашата држава ѝ требаат функционално Собрание и институции што можат да одлучуваат со полн капацитет.

    Вие сте првиот технички премиер во вонредни услови, Вашиот мандат се продолжи поради одложување на изборите. Не функционираше Парламентот, па Владата ги носеше сите одлуки со уредби со законска сила и целата одговорност падна врз Вас и министрите. Кои беа најтешките предизвици со кои моравте да се справите? Кои одлуки беа најтешки да ги донесете?

    Секој ден е нов предизвик да се заштити јавното здравје, да се придонесе со сите капацитети болните да оздрават. Претходно кога беа затврени границите, да ги вратиме нашите сограѓани во родната земја, да им овозможиме да отидат поради неопходни потреби во друга држава, никој да не остане без егзистенција, да ги поддржиме бизнисите да опстојат. И ги заштитивме граѓаните од најтешките сценарија. Пред коронакризата работевме на одржливост на реформските процеси, со ништо не смеевме да ги загрозиме НАТО и ЕУ перспективите до коишто се дојде со храбри, мудри одлуки на претседателот на СДСМ Зоран Заев и Владата, коишто ја овозможија сигурноста на граѓаните, за којашто зборуваме кога велиме дека е правиот пат по којшто треба да продолжиме.

    Досега Македонија имаше две преодни влади, првата во 2016 година и оваа сега. Кои се главните проблеми во нејзиното функционирање. Дали сметате дека таа има повеќе предности или слабости и дали ќе остане како пракса и во идните изборни процеси?

    Оваа преодна Влада функционираше и успеа да одговори на предизвиците во историски важни моменти за државата, членство во НАТО, одлука за почеток на преговорите со ЕУ, здравствено-економска криза. Во неа членуваат и власта и опозицијата и ми се чини е добро искуство за сите и поука за понатаму.

    Ја внесовте Македонија во НАТО. Но, за жал овој голем настан помина бледо под налетот на бројките на новозаболени и починати од коронавирус. Влезот во ЕУ останува следна цел, но мора да се направат крупни промени во функционирањето на целиот систем. Затворени ли се сите стратешки прашања за државата и дали сте подготвени да се фатите во костец со сите проблеми кои ги бара овој процес?

    Апсолутно! Една стратешка цел остваривме, копнеж, надеж на владите во изминатите 30 години, тоа е членството во НАТО. Втората стратешка цел е во фаза на реализација, донесена е одлуката за почеток на преговорите со ЕУ што ја чекавме цели 15 години, во следните месеци треба да очекуваме важни настани за проширувањето и првата меѓувладина конференција што ќе го означи официјалниот почеток на нашите преговори за членство. Во следните 4 години очекуваме да затвориме 80 проценти од поглавјата за членство во ЕУ. Ова значи дека мора да се продолжи по правиот пат на којшто ја изведовме државата. ВМРО-ДПМНЕ сака да ја врати земјата во мрачното минато, но тоа е веќе завршена приказна. Ние сме на патот на сигурна иднина и граѓаните тоа ќе го потврдат на 15 јули.

    Задоволни ли сте како Владата се справува со коронакризата? Требаше ли да бидете построги со мерките за верските празници, знаејќи го менталитетот на нашите граѓани, за да не ни се случи толку брзо вториот бран на вирусот?

    Владата донесе соодветни мерки за ограничувања на движењето и за лична заштита. Можевте да слушнете од здравствените власти дека сите болни и инфицирани се поради групирања, кои ниту беа дозволени за време на рестрикциите ниту пак се препорачливи сега. Затоа апелирам до граѓаните, да носат лична заштита, посебно на лицето, да одржуваат дистанца и да избегнуваат масовни групирања. Тоа е најдоброто што можат да го направат за да се заштитат себеси, семејството и јавното здравје. Заштитата на јавното здравје е законска обврска и должност е на институциите да постапуваат, каде што има прекршувања. Така беше и претходно, тоа важи и денес и ќе важи и во иднина, додека се цени за потребно.

    Дали ја изведовте државата на „Прав пат“ како што ветивте пред 3,5 години? Дали постигнавте доволно и дали можеше повеќе да се одработи?

    Во услови кога решававме стратешки прашања за да го осигураме членството на нашата држава во НАТО и ЕУ, ја покренавме економијата. Ја покачивме минималната плата од 9.000 илјади денари на 14.500 денари. Ја покачивме просечната плата од 22.300 денари на 27.500 денари - месец март 2020 година. Обезбедивме младинскиот додаток од 3.000 денари за 3.117 млади (според податоците за мај). Нашата држава е прва земја која не е членка на ЕУ, а ја спроведе младинската гаранција, проект преку којшто се вклучени млади до 29 години во разни обуки, практики, образување. Преку неа во 2018 година - 1.923 млади се вработија, во 2019 година - 6.036 млади, во 2020 година, заклучно со 10.јуни, 1.971 вработени. Активните мерки за вработување, младинската гаранција и разни добиени грантови, други обуки, ИТ вештини - помогнале на над 14.000 млади до 29 години да најдат работа или да се квалификуваат за соодветно работно место барано на пазарот на трудот. Ги покачивме и пензиите, сите пензионери, 324.000, од јануари годинава земаат повисока пензија за 722 денара. Ова е најголемо покачување на пензиите во последните 12 години. Покажавме и свесност и одговорност како Влада дека проектите од суштинско значење на граѓаните. Ги пуштивме во работа новиот Ургентен центар, како и на Акушерското одделение во ЈЗУ Општа Болница „Борка Талески“ во Прилеп, новиот Ургентен центар во Куманово, во склоп на Општата болница Куманово, инвестиција од 900.000 евра, со можност за опслужување 200.000 пациенти од Североисточниот регион на државата, по 33 години, Струмица доби нова Општа болница, ги обновивме службите за Итната медицинска помош во Битола и во Велес, по 50 години, целосно се реновира Институтот за трансфузиона медицина. Досега инвестиравме 280 милиони денари во реконструкција или изградба на 44 градинки во рурални или урбани средини во земјава, а определни се нови 15 милиони евра за изградба нови објекти, со што очекуваме заокружување на бројот од 70 новоизградени објекти за градинки. Обновени се 13 основни и средни училишта во вредност од речиси 70 милиони денари, а во тек е обновата на уште 8 основни и средни училишта, во вредност од близу 12 милиони денари. Инвестиравме во изградба и реновирање на 25 спортски сали. Куманово на пример за три години, доби и две спортски сали, а во завршна фаза е третата спортска сала. За само 2.5 години израдивме повеќе од 320 социјални станови, а ќе изградиме уште 700. Завршивме 80 проценти од примарната и секундарната гасификација, проект што се одолговлекуваше речиси 20 години. Низ целата држава се градат 260 киломентри автопати, 300 километри експресни патишта, 900 километри локални патишта. Обновуваме повеќе од 1.500 киломентри постоечки патни правци. Интензивно се работи на локалната инфраструктура и сме во фаза на отпочната изградба на дополнителни 500 киломенти водоводи и канализации. Со помош на нашите европски партнери, изградивме 3 пречистителни станици во земјава. Покажавме што значи пресврт во приоритетите и на прво место граѓаните и државата и што значи парите да се насочени кон и за граѓаните. А што има на другата страна – режим. Ете затоа ВМРО-ДПМНЕ лаже и прави конструкции. Што да кажат – ние од ВМРО-ДПМНЕ ќе го обновиме режимот?! Ние ги поставивме основите и за вистинска правна држава и во следниот период следува прочистување на правосудството и остатоците од груевизмот, а Законот за јавното обвинителство гарантира дека сите предмети со висока корупција мора да имаат судска завршница. Направивме реформи во МВР коишто гарантираат високопрофесионална полиција партер на граѓаните и којашто може да одговори на сите предизвици и продолжуваме по правиот пат кон сигурна иднина заедно со граѓаните.  

    Кои се најкрупните инвестиции во Куманово и во регионот?

    Во Куманово: патна инфраструктура - 8 проекти во должина од 101,90 км со вкупна вредност од 12.251.707‬‬ евра финансирани од централната власт, водовод и канализација - 2 проекта со вкупна вредност  од 1.009.524 евра финансирани од централната власт, образование - 18 проекти со вкупна вредност од 62.311.198 денари финансирани од ценраната власт, градинки  - 3 проекти со вкупна вредност од 13.537.841 денари финансиран од централната власт, проекти за регионален рамномерен развој – 5, со вкупна вредност од 80.536.860 денари, сите за подобрување на животот на граѓаните. За споредба, во време на претходната власт нула беше поддршката од централната власт во Куманово. И го слушам Мисајловски, дошол тука, вели Куманово заслужувало обнова – да обновата е почната пред три години, а тука ни обнова на режим не му поминува зашто Куманово беше предводник и во пркосот на режимот. Куманово знае што значи сигурност и тоа ќе го покаже и на овие избори. Регионално, над 159.7 км нови и рехабилитирани патишта има во десетте општини во ИЕ 2. Инвестиравме 41.189.282 денари во решение на проблемот со канализација во општина Ѓорче Петров. Во тек е изградбата на пругата Куманово-Бељаковце, долга 30.8 км и вредна 46.000.000 евра. Во тек е и изградба на 312 социјални станови во Бутел, а во план е градба на 51 во Шуто Оризари. Градиме канализационен систем долг 10.1 км во Арачиново, за кој што инвестираме 106.000.000 денари. Во тек е изградба на пречистителна станица за вода за пиење за регионален водоснабдителен систем Липково и на резервоар за населеното место Липково. Продолжуваме по 15 јули, уште повеќе и уште подобро.

     Со што се гордеете, а за што жалите што не сте го оствариле и планирате да го реализирате ако повторно ја добиете поддршката на граѓаните?

    Ја изведовме државата на прав пат, дел сме од жива историја со интеграциските процеси, ги насочивме видливо парите кај граѓаните, го ослободивме МВР од МВРО, донесовме слобода, покажавме грижа за сите, ги поставивме основните за правна држава. Ќе има и правда.

    Кои се главните адути, реформи и програми со кои ќе целите за новиот мандат. Со што ќе ја барате довербата на граѓаните? На што се темели Вашата предизборна програма?

    Во Програмата на СДСМ, за следниот четиригодишен мандат да се обврземе дека додека трае кризата ќе ја задржиме минималната плата на 14.500 денари, а по завршувањето на кризата ќе обезбедиме раст на минималната плата до 40 проценти, ќе обезбедиме раст на просечната плата до 30 проценти, до крајот на мандатот, предвидуваме нова мерка за поддршка на младите, поврат на персонален данок за сите нововработени до 29 години во првите две години. Парите ќе одат директно на сметка на младите. Се обврзуваме на нова повисока минимална пензија - да нема пензионер што ќе зема помалку од 10.700 денари, дека ќе ги поддржиме домашните и странски инвестиции во износ од 600 милиони евра и на износ за странски инвестиции од најмалку една милијарда евра, до крајот на мандатот - инвестиции засновани на иновации и одржливост на бизнисите. Најавуваме брза трансформација и зголемување на конкурентноста на економијата во нашата држава. Следуваат сериозни инвестиции во здравството. Скопје добива нов Клинички центар. Охрид, Тетово и Струмица добиваат модерни регионални здравствени центри. Ги покачивме платите на лекарите и медицинскиот персонал. И ќе продолжиме со вработувања лекари и медицински сестри во јавното здравство, кое веќе го зајакнавме со 780 лекари и 1.000 медицински сестри. Воведуваме и целосно електронско здавство, без користење хартиени форми на документи. Следуваат сериозни инвестиции за еколошки чиста држава и екодомаќинства.

    Се надевате ли на голема поддршка од Вашите сограѓани и во овој изборен циклус, ќе остане ли Куманово бастионот на СДСМ?

     Куманово било и останува бастион на прогресивните идеи и водства. И да, Куманово знае дека можеме и уште повеќе и уште подобро и затоа и тука како и во цела Македонија, коалицијата „Можеме“ победува.

    Во Двојката ќе се соочите со противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски. Мислите ли дека имате силен противник или лесно ќе го победите?

    Не можам да направам разлика. Груевски ли е, Мицкоски ли е, Мисајловски ли е – кој и да е дел е од структура којашто државата ја држеше над 10 години во режим. Режимот од пред три години е минато. Истото се однесува и за Мисајловски.

    Ако победите, кои ќе ви бидат трите приоритетни проекти за Куманово?

    Јас знам на кои проекти ќе се фокусирам да се реализираат, затоа што се во душата и на кумановци и на нашиот народ. Тоа се спортскиот комплекс Соколана и Спомен костурницата. Тие се до денес паметник на она што значи Куманово за нашата држава, град револуционер со којшто верувам се гордее секој граѓанин на нашата земја.

    На кое место и позиција Вие типувате доколку ги добиете изборите. Лидерот Зоран Заев е претендент за премиер, дали Вие ќе се вратите  на чело на МВР?

    Ќе бидам токму на местото каде сум најпотребен на граѓаните и на државата, како и секогаш. Не ги прават местата луѓето, туку луѓето ги прават местата, кога работат посветено и искрено, со душa. Јас така работам.

    (С.Н.)