Изгоре дел од кафе барот „Центрум„
Во голем пожар рано изутрина изгоре дел од кафе барот „Центрум“ во центарот на Куманово.

Пожарот избувнал околу 04.15 часот од засега непознати причини, при што изгорела летната тераса и дел од внатрешноста на објектот. Огнот зафатил дел и од продавниците и адвокатските канцеларии, коишто се наоѓаат во близина на локалот, во зградата и старите куќи спроти Основниот суд Куманово, на улицата „11 Октомври“.
Станарите од зградата каде што се наоѓа кафе-барот, велат дека огнот ги истоплил ролетните и прозорците дури до вториот кат, а попукале и стаклата.
Од страна на екипа од Територијалната противпожарна единица Куманово пожарот бил изгаснат, а увид ќе се врши во текот на денот.