Измамник барал од дедо 35.000 евра да не оди зет му во затвор, за малку не добил третина од сумата
Измамник барал 35.000 евра од кумановец, за да го спаси зетот да не оди во затвор, затоа што прегазил мигрант. 86-годишниот старец наседнал на лагата и подготвил да даде 10.000 евра, но за среќа се јавил кај ќерката и ја откриле измамата.
Ова се случило пред три дена во Куманово, а вчера 54-годишна жена пријавила во полиција дека некој се обидел да го измами нејзиниот татко.
„Лицето се јавило на нејзиниот татко и го известило дека неговите ќерка и зет направиле сообраќајна незгода во која починал малолетник мигрант, по што од него побарале 35.000 евра за да не оди зет му во затвор. 86-годишникот прифатил да им даде 10.000 евра, а откако тргнал на договореното место за примопредавање на парите, се јавил на ќерка му, која го информирала дека немале направено сообраќајна незгода и дека лицето се обидува да го измами. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, - информираат од СВР Куманово.