Мени

Катната гаража ќе се тргне кога ќе се изградат нови паркинзи на „Чоробенско ќоше“ и „Ленинова“, кажа Димитриевски

14.04.2026 12:05 | Сузана Николиќ

Дали и кога ќе се дислоцира монтажната гаража од центарот на градот, праша советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Христина Божиновска, на последната седница на Советот, посочувајќи дека местото не и e таму, бидејќи го засенува Центарот за култура, кој е главен носител на многу манифестации во градот.

 

Катната гаража ќе се тргне кога ќе се изградат нови паркинзи на „Чоробенско ќоше“ и „Ленинова“, кажа Димитриевски

„Бидејќи се реконструира малиот плоштад, мислам дека оваа катна гаража треба да биде дислоцирана“, кажа Божиновска.

Градоначалникот Максим Димитриевски одговори дека гаражата ќе биде отстранета во првиот момент кога ќе се зголеми капацитетот за паркирање во градот.

Според него, постојат две можни решенија – изградба на нова гаража на локалитетот „Чоробенско ќоше“ или на улицата „Ленинова“, кај поранешното хемиско чистење.

„На втората локација имаме проблем бидејќи нема соработка. Откако почнавме со постапката, Акционерското друштво за изградба и стопанисување за стамбен и деловен простор (АДСДП), поранешен ПУИК, не сака да ги дислоцира времените објекти што се таму. Во следниот период ќе побарам разговор со директорот за да најдеме решение. Во спротивно, ќе постапуваме согласно закон, ќе извршуваме па ќе се тужиме. Се согласувам со вас дека не ѝ е местото на таа гаража таму каде што е сега и таа ќе биде отстранета. Еден ден ќе ја нема и ќе се врати стариот паркинг“, кажа Димитриевски.

Тој додаде дека катната гаража била платена 280.000 евра, а нејзината сегашна вредност е 700.000 евра.

Изградбата на катната гаража во центарот на Куманово ги подели граѓаните. Дел сметаат дека ова монтажно решение не е естетско ни функционално, затоа што ги затвора Плоштадот и Центарот на култура, а обезбедува минимални паркинг места во однос на оние што ги имаше на стариот паркинг простор. Гаражата беше пуштена во употреба во мај 2019 година и обезбедува 80 паркинг места.