КCC бара покачување на платите во јавниот сектор за 25 проценти
Усогласување на платите во јавниот сектор согласно процентот со кој е покачена минималната плата, исплата на К15 во јавниот сектор, како и откажување на идејата од јавен во приватен сектор, се трите барања кои Конфедерацијата на слободни синдикати(КСС) гу упати до Владата на денешниот протест во Куманово.

Според претседателот на КСС Благоја Ралковски минималната плата во последната година ипол е зголемена за 25 проценти и тие бараат тој процент да се пресмета и на платите по вертикала во сите сектори, каде просечната плата изнесува 19.000 денари и се граничи со социјалните примања.
„Владата најде законско решение да се покачат платите на вицепремиерите и министрите. Ние бараме согласно законот да се покачат и нашите плати, оној процент за кој е покачена минималната плата, а тоа е 25 отсто и да важи од 1.1 2019 година. Сведоци сме дека минатата година има многу партиски и роднински вработувања, ако има место и за нас во јавниот сектор нема да дозволиме нас да не избркаат од работа. Синдикатот остро ќе се спротивстави на секој отказ на наш член. Ќе има пари и за К15, ако скратат малку од нивните трошења, нека покажат дека се најдобриот работодавач во државата, нека покажат со сопствен пример како се исплаќа К15, - порача Ралковски од говорницата пред членовите, кои од повеќе градови дојдоа во Куманово.
Тој смета дека се почесто се кршат работничките права во државата, а тоа го потврдил и извештајот на Европската комисија.
Пред присутните се обрати и претседателот на СОНК Јаким Неделковски, кој рече дека Владата не ги исполнила ветувањето за покачувањето на платите на вработеноте во градинската од почетокот на годинате, ниту извршила нивелација на платите во културата, а прекинат е и социјалниот дијалог со синдикатот.
Од простестот беше најавено дека доколку не се прифатат нивните барања, ќе продолжат масовните протести во земјата или ќе прогласат генерален штрајк во јавниот сектор, а од понеделник ќе започнат и судски постапки против надлежни институции кои ги кршат законите за работниците.