„Кочо Рацин“ државен училишен првак во машка кошарка
Учениците од деветите одделенија од основното училиште „Кочо Рацин“ од Куманово победија на Државно првенство во кошарка за машки за основни училишта, кое минатата недела се одржа во Струмица.

Тие освоија златниот медал откако во финалето ги совладаа нивните врсници од Струмица.
„Во првиот полуфинален натпревар со минимална предност ја победивме екипата на Скопје, а во финалето во крајно неизвесен натпревар ги совладавме домаќините. Двете екипи постојано го менуваа водството, што резултираше со нерешен резултат. Во продолжението, на 6 секунди пред крај ученикот Јован Цветков шутираше и погоди тројка со која и донесе радост на целата екипа, и ја остави во шок публиката во салата“, - вели Сузана Николовска, професорка по физичко воспитување која е и тренер на младите кошаркари.
Екипата на „Кочо Рацин“ се пласирала за учество на државното првенство, откако победиле на општинскиот натпревар во кошарка за машки во конкуренција на 10 екипи од основните училишта од градот, а потоа и на зонското и меѓузонското првенство во Крива Паланка и Свети Николе.
„Оваа е голем успех како за нашите ученици кои станаа државни шампиони така и за нашето училиште досега најдобриот постигнат резултат беше четврто место на републичко ниво, па затоа и учениците и јас сме горди што напишавме ново поглавје во историјата на спортските постигања на „Кочо Рацин“. За сето ова најзаслужни се: Јован Цветков, Лука Бојковски, Петар Николовски, Марко Јакимовски, Никола Младеновски, Милош Јовановиќ, Ненад Стефановски, Марко Станковски, Дамјан Митевски, Владимир, Здравко, Влатко, Панче и Лука„- додава Николовска.