×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Колонa камиони на границата на Табановце, џабе Отворен Балкан ако има само една лента, вели Синдикатот

    28.07.2022 18:43 | Сузана Николиќ

    Повеќе од 6 часа денеска беше во прекин транспортниот сообраќај на граничниот премин Табановце за влез во државата, поради техничи проблеми. 

    Колонa камиони на границата на Табановце, џабе Отворен Балкан ако има само една лента, вели Синдикатот

    Возачите на камиони коишто чекаа да го поминат терминалот и царинската контрола кажуваат дека цело претпладне стојат во место на пеколните температури, затоа што прво снемало струја, потоа паднал системот, а на крај се расипала вагата за мерење. Тоа придонело да се формира километарска колона од камиони.

    „Чекаме од сабајле од 7 часот. Има проблем со вагата. Стара е и постојано се расипува. И вчера колегите чекале 5 часа да ја поправат. Јас синоќа стигнав пред граница, но кога слушнав дека не работи останав во Србија да одморам, сметајќи дека сабајле порано ќе фатам ред и ќе завршам работа. Но, попусто. Тешко е, многу тешко да се седи во камион на овие горештини“, вели еден од возачите, кои кажуваат дека во колоната има и цистерна со гас, која е како темпирана бомба на високите температури.

    Околу 13 часот вагата беше поправена и колоната почна да се поместува, но претседателот на Независниот синдикат на професионални возачи за транспорт и врски Марјан Стефковски, кој дошол на граничниот премин да види што се случува, вели дека утринава од 7 часот ниту еден камион не ја поминал границата.

    „Колоната камиони е долга 20 километри, достига близу до градот Бујановец. Првото известување утринава ни беше дека нема струја на граничниот премин, второто дека паднал системот, сега трето е дека вагата е расипана. За да помине оваа колона, ќе треба 2-3 дена. Ова се случува затоа што сите гранични премини работат со многу застарен систем“, вели Стефковски.

    И возачите и претставниците на синдикатот, велат дека откако е воведен концептот на „едно застанување на граница” (One Stop Shop), иницијaтива во рамки на процесот Отворен Балкан, ништо не е сменето на подобро, бидејќи граничните премини немаат инфраструктура ни капцитет за да се примени она што е предвидено на хартија.

    „Проблемот е што на секој граничен премин имаме само по една лента за пропуштање на камионите. Чекаат на ред камиони со расиплива стока, зеленчук, цистерни со нафтени деривати и празни камиони. Тие што се празни воопшто не треба да се тука, за нив треба да се обезбеди посебна лента за да не влегуваат во царинските терминали. Исто е и за камионите што превезуваат опасни материи. Со тоа ќе се забрза протокот. Отворен Балкан воопшто не функционира и тоа не се практикува на границите, нема никакво подобрување откако е потпишан договорот помеѓу нашите соседни земји. Има уште повеќе гужви, колони. Додека да поминат овие возила коишто се во колоната само загуба ќе трпат“, додава Стефковски.

    Тој ги повикува наделжните од Министертсвото за транспорт и врски и Владата да се сретнат и да најдат решение на проблемот, да се забрза транспортот на стоки и услуги и да се подобрат условите на границите, во спротивно најавуваат протести.

    „Ако ништо не се поправи ние ќе организираме протест по градовите, а ако и тогаш нема разбирање за нашите проблеми ќе ги блокираме сообраќајниците, автопатот и граничните премини. Овој проблем не е само на возачите кои седат на отворено на 50 степени, туку и сите транспортни фирми, кои трпат огромни загуби. Засегнати се и фирмите кои увезуваат или извезуваат стока, бидејќи додека камионите стојат на граница нивните производи губат на квалитет, а некои можат само да се фрлат откако ќе стигнат на одредиштето“, додава Стефковски.

    Минатата недела, граничниот премин Табановце го посетија министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и министерот за инфраструктура, градежништво и сообраќај на Република Србија Томислав Момировиќ, и заедно со директорката на Царинската управа, Славица Кутиров изразија задоволство што концептот на Отворен Балкан дава успешни резултати.

    „Имавме одлична можност директно да се запознаеме со една од придобивките на концептот на Отворен Балкан, иницијатива што ја промовираа претседателите на нашите Влади и која започнавме успешно да ја спроведуваме. Со примена на таканареченото ‘едно застанување на граница’ значително се намалени постапките за влез и излез од двете земји, посебно за товарниот транспорт каде се воведени и зелени ленти за брз проток на стока. Со реконструкцијата на граничниот премин и воведувањето на овој концепт на работа, намалено е времето на чекање, царинските и граничните процедури се поедноставени, а поминувањето на границата е забрзано”, изјави Бочварски.

    Тој додаде дека во следниот период Царинската управа ќе овозможи и нови ленти за проток со кој ќе се намалуваат тесните грла, особено во летните сезони.