Кривична пријава против шест лица за незаконско посвојување на бебе
Кривична пријава против шест лица осомничени за организирање и реализирање на незаконско посвојување на бебе, поднесе Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Секторот за криминалистички истраги поднесе.
Ф.А. (63), Ѓ.К. (57), И.Ш. (35) и Џ.Ш. (35) од Скопје, како и С.Ј. (35) од Куманово и И.А. (38) од Тетово, се товарат за кривично дело „трговија со дете“.
Според информациите од МВР, во текот на 2024 и 2025 година, Ф.А. и Ѓ.К. организирале незаконско посвојување на новороденче бебе, заобиколувајќи ја законската процедура предвидена со Законот за семејство.
Истрагата покажала дека Ф.А., користејќи ја својата позиција на згрижувач на деца, воспоставувала контакти со брачни парови заинтересирани за посвојување. Во меѓувреме, Ѓ.К. наоѓала родители во тешка материјална и социјална состојба и ги убедувала, во замена за паричен надомест и други бенефиции, да се откажат од своите новородени деца.
Во конкретниот случај, осомничените успеале да ја убедат С.Ј., која живеела во вонбрачна заедница со И.А., да се согласи на незаконско посвојување на нивното бебе во замена за финансиска помош од 500 евра и бесплатни гинеколошки прегледи.
По отпуштањето од болница, С.Ј. и новороденчето биле преземени од Ф.А. и однесени во нејзиниот дом. Таму пристигнале И.Ш. и Џ.Ш., кои во улога на „посвоители“ го презеле бебето.
Според полицијата, на 17 октомври 2025 година бил склучен договор за заем од 500 евра меѓу Џ.Ш. како заемодавач и И.А. како заемопримач. Средствата истиот ден му биле исплатени на И.А., а истрагата утврдила дека тие претставувале надомест за незаконското посвојување на новороденчето.
По преземените мерки и активности, на осомничените им е определена мерка домашен притвор од страна на судија на претходна постапка.