Кривични пријави за газди на фирми за зимско одржување на улиците и вработени во општина Куманово
Кумановската полиција поденсе кривични пријави против две фирми задолжени за зимско одржување на улиците во Куманово и против вработени во општината, кои овозможиле фирмите да го добијат тендерот иако не ги исполнувале условите и да ги наплаќаат услугите иако не ги извршиле.

Според МВР кривична пријава поднесена е против Ѓ.К.(63) од Скопје, сопственик и управител на ДГПТ “КАТ-ИНГ ГРАДБА“ ДОО Скопје, А.Љ.(47) од Куманово, сопственик и управител на ДПГТУ “КООП ИНЖЕНЕРИНГ“ ДОО Куманово, поради постоење на основи на сомневање дека сториле кривично дело поднесување лажни докази од член 366-а став 1 и две кривични дела фалсификување или уништување деловни книги од член 280 став 1 и став 2, против правните лица ДГПТ “КАТ-ИНГ ГРАДБА“ ДОО Скопје и ДПГТУ “КООП ИНЖЕНЕРИНГ“ ДОО Куманово, поради постоење на основи на сомневање дека сториле две кривични дела фалсификување или уништување деловни книги“ од член 280 став 1 и став 2, од КЗ на РМ и против Д.С.(35), С.Ј.(42), М.Ј.(55) вработени во Општина Куманово и С.Ј.(56) од Куманово, вработен ДИПКМ “Поинт ДИЗАЈН“ ДООЕЛ Скопје, поради постоење на основи на сомнение дека сториле по едно кривично дело “Несовесно работење во службата“ од член 353-в став 1 и став 3 од КЗ на РМ.
Во декември 2016 година Ѓ.К. и А.Љ. во својство на управители во постапка за зимско одржување на улици од снег и подмразица во Општина Куманово за период 2016-2018 година, поднеле лажни изјави дека фирмите ги исполнуваат условите од тендерската документација. Вработените во Општина Куманово, С.Ј. и М.Ј. во својство на членови на Комисија за јавни набавки, при спроведување на тендерска постапка, пропуштиле должен надзор и не ги провериле техничките понуди поднесени од понудувачите во врска со условите и барањата од техничките спецификации, не вклучиле надворешни стручни лица како помош на Комисијата, а документи со невистинита содржина ги прифатиле како вистинити, а по целосно спроведување на тендерската постапка ги рангирале и избрале за единствени најповолни понудувачи и со тоа им овозможиле на пријавените правни лица проттивправно да прибават корист за вкупен износ од 25.557.150,оо денари, на штета на буџетот на Општина Куманово.
Во декември 2016 година и јануари 2017 година, при обилни атмосферски врнежи на снег проследени со екстремно ниски температури почнувајќи од 05.01.2017 година до 10.01.2017 година, првопријавените во градежни дневници и во патни налози за користење на возила кои се должни да ги водат внесувале невистинити податоци и со свои потписи и печати наведените исправи ги правеле со невистинита содржина и секојдневно во период од 05.01.2017 година до 10.01.2017 година во описот на работни активности во градежните дневници и во патните налози за возилата впишувале податоци како наводно да извршувале активности и како да биле ангажирани потребниот максимален број на работници и механизација кои ги понудиле во тендерската постапка за чистење и одржување на улиците во Куманово. Ваквата состојба довело до тоа да улиците во наведениот временски период бидат непроодни и од коловозите да не биде одстранет снегот и подмразицата подолг временски период. Погоренаведените градежни дневници како исправи со невистинита содржина, ги употребиле како да се вистинити пред С.Ј., задолжен од Општина Куманово за надзор и контрола за квалитетно и навремено извршување на услугите од Договорот. Истиот пропуштил должен надзор и несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности на тој начин што не изготвил ниту еден писмен извештај за извршен надзор, не изготвил ниту еден писмен извештај за ненавремено преземени мерки и не извршил контрола на активностите кои ги превземале пријавените правните, а за истото и не го известил договорниот орган-Општина Куманово, а потоа ниту во градежните дневници не внел никаков запис или забелешка за констатирани недостатоци, туку прикажаните активности во градежните дневници за кои е утврдено дека правните лица не ги извршиле, ги одобрил со свој потпис и печат како реализирани, и со тоа им овозможил на пријавените правни лица проттивправно да прибават корист, а од друга страна да му нанесат штета на буџетот на Општина Куманово, - соопштува полицијата.