Кружен тек ќе се гради на влезот во Куманово
На влезот во Куманово, на крстосницата на улиците 11 „Октомври“ и „Трета МУБ“ ќе се гради кружен тек.

Идејното решение веќе е изработено, а во тек е постапка за избор на изведувач на работите.
„Се работи за модерно и трајно решавање на влезот во градот. Во тек е тендерска постапка за регулирање на сообраќајот, а тоа е изградба на современ кружен тек, прв во нашиот град. Апелирам до потенцијалните понудувачи да се јават и да учествуваат на тендерот, - изјави градоначалникот Максим Димитриевски.
Проектот чини 16 милиони денари, а треба да заврши до крајот на годината. Димитриевска најави уште вакви сообраќајни решенија.
Куманово нема ниту еден кружен тек, а неколку раскрсници во градот се сметаат за црни точки во сообраќајот.
Граѓаните бараа да се изгради кружен тек кај Митев мост, откако се случија неколку сообраќајни несреќи со фатални последици на раскрсницата на Трета МУБ и Октомвриска револуција, но надлежните тврдеа дека тоа не е изводливо поради малиот простор.