×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Кумановските кружни текови имаат недостатоци, но се добро решение за сообраќајните метежи

    11.01.2023 10:42 | Оливера Пешевска

    Минатата година беа пуштени во употреба два нови кружни тека на најпрометните раскрсници во Куманово, едниот на раскрсницата меѓу Булеварот Трета МУБ и улиците Бајрам Шабани и Гоце Делчев, а вториот меѓу двата булевари Трета МУБ и Октомвриска Револуција.

    Кумановските кружни текови имаат недостатоци, но се добро решение за сообраќајните метежи

    Нивната изградба предизвика големи расправи во јавноста - дали се оправдани , колку се големи и дали треба да имаат само две ленти или повеќе за да ги исполнуваат условите на современ кружен тек, а и поради тоа што се поприлично скапи.

    По нивно неколкумесечно функционирање, генерален став на возачите и на стручните лица е дека сепак ја вршат работата и ја оправдуваат пренамената од раскрсници со светлосна сигнализација до кружен тек. Времето на преминување е намалено, тесните грла се елиминирани и протокот на сообраќање е многу побрз.

    „Има голема разлика помеѓу раскрсници со семафори и кружни текови, на црвено мораш да застанеш и кога нема никој. Кај кружните текови мора само да се внимава на правилото за првенство на минување,а тука се вози и со значително намалена брзина“, вели Африм Емини, раководител во испитниот центар „Топ Драјвер“ во Куманово.

    Во почетокот кумановчани не ги познавале правилата за возење на кружен тек и движењето било малку проблематично . Препорака е да се следи правилото за предимство од лева страна и да се внимава при престројувањето во лентите.

    „При свиок се намалува брзината, па дури и да дојде до незгода обично е со многу помали последици, мали материјални штети и без посериозни повреди за учесниците“, објаснува Емини.

     

    Негово мислење е дека можеби лентите на раскрсницата меѓу ул Бајрам Шабани и Трета МУБ требало да бидат пошироки, на сметка на централнaта кружница, зашто товарните возила и автобусите кои кога „влегуваат“ во кривина им треба поголем простор за маневар.

    „Можеби има мали недостатоци, но сите три кружни тока во Куманово се добро изведени и го оправдуваат нивното инсталирање“, заклучува Емини.

    Во полициската статистика нема регистрирано поголеми сообраќајни несреќи или незгоди на новите кружни текови, ниту на оној кој се наоѓа на влезот во градот.

    „Во изминативе неколку месеци на трите кружни тека во Куманово не се регистрирани сообраќајни незгоди со повредени и загинати лица, а поради намалената брзина на движење намален е и бројот на пријави за интервенција на овие локации“, посочуваат од СВР Куманово.

    Бројот на пријавите во полицијата е значително намален од воведувањето на тн „европски записник“, па бројката и не е прецизна. Во случај на судири возачите проблемот го решаваат меѓу себе, без пријавување и без барања за вршење на увид.

    Учесниците во сообраќајот сметаат дека кумановчани се брзи и нетрпеливи возачи, па често се влетува со поголема брзина од предвидената и во голема мерка не се почитува предноста на поминување.

    СВР Куманово врши редовни контроли и преземаат превентивни мерки со цел укажување на возачите на сообраќајните правила и прописи, како и за правилното движење во кружен тек и навремено воочување на сообраќајните знаци.

    „Доколку се почитуваат сообраќајните правила и прописи сите ние ќе придонесеме за зголемување на безбедноста во сообраќајот и посигурни патишта“, истакнува Ивана Младеновска, портпарол на СВР Куманово.

     

    2008 - 2023 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk