Кумановец продавал марихуана, заработил 30 дена притвор
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при БЈБ на МВР, до ОЈО Куманово поднесе кривична пријава против лицето Д.Д.(28) од Куманово, поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело - “неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” по член 215 од КЗ на РСМ.

Според документираните сознанија од истрагата пријавениот во средината на мај месец годинава откако претходно набавил, му продал наркотична дрога марихуана на лицето Д.Д. (38) од Куманово.
По ова, купувачот на дрогата заедно со лицето С.Б. (43) од Велес со возило “Фиат- пунто“ со велешки регистарски таблички го напуштиле Куманово, меѓутоа за кратко време кај наплатна рампа Сопот, од правец на Скопје кон Велес од страна на полициски службеници патничкото возило било сопрено. При извршен преглед на возилото, на задното седиште била пронајдена марихуаната. Во врска со ова СВР Велес, веќе претходно, односно на 15.05. годинава поднесе кривична пријава против овие две лица до ОЈО Велес под сомнение за сторено кривично дело - “неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” по чл.215 од КЗ на РСМ.
Врз основа на издадена судска Наредба од Судија на претходна постапка при Основен Суд Куманово извршен е претрес на дом и други простории кај пријавениот Д.Д. (28) при што му е одземен мобилен телефон со СИМ картичка. Од страна на судија на претходна постапка нему му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.