Куманово викендов ќе биде домаќин на Купот на Македонија
Од петок до недела во спортската сала во Куманово, ќе се одржи завршниот турнир од кошаркарскиот Куп на Македонија „Благоја Георгиевски – Буштур“.
За освојување на престижниот трофеј ќе се борат осум екипи, а Куманово за прв пат е домаќин на овој настан.
На денешната прес-конференција, градоначалникот Максим Димитриевски, претседателот на клубот Ненад Стојановски и спортскиот директор Андреја Маџовски порачаа дека Куманово е подготвено да биде вистински кошаркарски домаќин. Покрај добрата организација не ги криеја ни амбициите пехарот за заврши во витрините на Куманово.
„На екипите кои ќе учествуваат им посакувам да се прикажат во најдобро светло, и во Куманово да се чувствуваат како дома. Ние ќе го дадеме својот максимум како организација, па ако се покажеме како добри домаќини верувам дека организацијата прерасне во традиционална. Верувам дека нашата нова и реконструирана спортска сала ќе ги покаже своите капацитети“, изјави Димитриевски.
Тој потсети дека се уште се работи на инфраструктурата во и околу салата, но најави дека постои желба следната година повторно да бидат организатори на овој настан.
„Ако се покажеме како добри домаќини, се надевам дека и следната година ќе ја добиеме организацијата на настанот, откако ќе се реши проблемот со греење и ладење во салата“, додаде Димитриевски.
Претседателот на клубот на „МКК Куманово“ Ненад Стојановски им честита на екипите што се пласираа на завршницата од Купот.
„Куманово првпат е домаќин на ваков настан. Се заблагодарувам на Кошаркарската федерација за оваа можност. Подготовките течат во најдобар ред, и ги поздравувам сите кои земаа учество во овој процес. На сите екипи им посакувам успех, а секако посакувам пехарот да остане кај нас“, изјави Стојановски.

Спортскиот директор Андреја Маџовски ги повика сите љубители на кошарката да ги проследат натпреварите во овие три дена.
„Поканети се и сите гостински навивачи да дојдат и да се чувствуваат како дома. Добивме потврда дека речиси сите екипи ќе имаат своја публика. Ние како екипа нема да дoзволиме пехарот да си замине од Куманово“, изјави Маџовски.
Купот на Македонија започнува во петок со натпреварот помеѓу ТФТ - Феникс кој се игра од 12 часот. Веднаш потоа следува вечното дерби помеѓу МЗТ Скопје и Работнички од 14:30.
Во 17:00 часот следува натпреварот помеѓу Кожув и Маџари, а во последниот натпревар во петок од 19:30 играат екипите на Куманово и Пелистер.