Мени

Жителите на Долно Којнаре го исчистија сметот од населбата

10.02.2026 11:03 | KumanovoNews

Жителите на Долно Којнаре, со поддршка од вработените во ЈП „Чистота и зеленило“, викендов организираа еколошка акција за расчистување на сметот и дивите депонии во населбата.

Жителите на Долно Којнаре го исчистија сметот од населбата

Со акцијата беа исчистени главната улица, депониите околу пазарот и пешачкиот мост, просторот околу игралиштето, а беа исечени и дрвјата кои го попречуваа движењето.

„Ова не е крај, туку почеток на уште поголеми активности за поуредена и почиста заедница. Голема благодарност до ЈП „Чистота и зеленило“, до вработените и менаџерскиот тим, кои со сериозен ангажман придонесоа дивите депонии и насобраниот смет да бидат целосно отстранети. Апелираме до сите граѓани да не фрлаат смет каде што ќе стигнат и заеднички да ја чуваме и негуваме нашата околина. Благодарност и до сите кои активно учествуваа и придонесоа за оваа успешна акција“, објавија од Месната заедница Долно Којнаре.

Иницијативата за чистење на населбата уследи откако ЈП „Пазаришта“ доби дозвола на местото на добиточниот пазар да отвори и пазар за автомобили.

Жителите се спротивставија на одлуката, бидејќи со години наназад, секоја недела кога се одржува пазарот за стари работи, т.н. бувљак, се соочуваат со сериозни проблеми, како што се сообраќаен метеж, зголемена бучава, смет, небезбедност за пешаците и децата, како и нарушен квалитет на живот, со отежнат или невозможен пристап за брза помош, пожарна и други итни служби.

„Наместо овие проблеми да се решат, сега се додава уште еден ден хаос, уште поголем метеж, паркирани автомобили насекаде, дополнителна бучава, загадување и ризик за безбедноста на жителите. Ова не е само прашање на бизнис и приходи, туку прашање на почит кон граѓаните кои живеат тука секој ден“, велат жителите.

По ова беше одржана средба со дел од надлежните, по што започна отстранување на автомобилите и беше постигнат договор за одржување на акцијата.

(Фото. Долно Којнаре)