Кумановски уметник со изложба во престижната „Галерија – Белградска тврдина”
Академскиот сликар Зоран Арсовски - Бабата од Куманово е првиот македонски академски ликовен уметник кој ќе реализира своја самостојна изложба во престижната “Галерија - Белградска тврдина" на Калемегдан во Белград.

Изложбата ќе биде отворена на 22 aвгуст во 18 часот и ќе трае до 10 септември 2019 година.
На изложбата ќе бидат претставени шеесетина дела работени во техниката акрил. Изложбата го носи насловот "Тектонски пореметувања" тема која е актуелна за денешното време.
Проектот е избран од страна на стручното уметничко жири на Националната Установа “Галерија - Белградска тврдина" на годишниот конкурс за 2019 година.
Зоран Арсовски - Бабата е роден 1980 година во Куманово. Дипломирал 2005 година и магистрирал 2007 година на Националната ликовна академија во Софија насока сликарство, во класата на професорите Станислав Памукчиев и Божидар Бојаџиев.
Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Оваа изложба ќе му биде осмо самостојно претставување пред пошироката јавност.
Има учествувано на повеќе групни меѓународни ликовни колонии, изложби, проекти, симпозиуми во земјава и странство. Работи во Центар за култура “Трајко Прокопиев”- Куманово, стручен соработник за визуелни уметности, архитектура и дизајн. Работно искуство од областа на штафелајско сликарство во познатите и негови нови сликарски техники, изработува фреско живописи, икони, сценографии, дизајн и др.