Мени

Лажни декларации на сирење и употреба на палмина маст откри АХВ

31.05.2026 12:00 | KumanovoNews

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изврши лабораториски анализи на 45 мостри млеко и млечни производи од домашно производство и увоз кај 10 оператори со храна, при што било утврдено дека дел од примероците не се во согласност со одредбите од Правилникот за квалитет на земјоделските производи.

 

Лажни декларации на сирење и употреба на палмина маст откри АХВ

Со тестирањата било констатирано дека во одредени производи има помал процент на млечна маст од декларираниот. 

Кај еден оператор со храна, лабораториската анализа на мостра од 22 килограми ситно сирење покажала дека наместо декларираните 20 проценти млечна маст, производот содржел само еден процент. Поради тоа, на операторот му е изречена парична казна од 3.500 евра во денарска противвредност.

За измама на потрошувачите, на уште осум оператори со храна – производители и увозници – кај кои биле утврдени отстапувања меѓу декларираниот и реалниот процент на млечна маст во контролираните производи, им се изречени казни од по 1.050 евра во денарска противвредност.

Кај друг оператор со храна било утврдено дека при производството на млечен производ користел растителни (палмини) масти. За овој прекршок му е изречена парична казна од 1.300 евра во денарска противвредност. Спорниот производ, во вкупна количина од 500 килограми, е повлечен од промет и нештетно уништен на депонија.

„Кај оваа категорија оператори со храна, засилените инспекциски контроли од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжат и во наредниот период“, соопштија од АХВ.