Левица: НАТО ја претставува сета спротивност на Куманово
Од политичката партија Левица, го осудуваат денешниот настан кој го организира Министерството за oдбрана во Куманово, по повод одбележување на 70 годишнината од постоењето на НАТО сојузот.

„На еден слободарски град не му приличи да одбележува годишнини на милитаристички, агресорски сојузи. Куманово е градот во кој пукна првата пушка, град кој изобилува со антифашистичка и антимилитаристичка традиција, симбол на прогресивните текови на XX век, кога го доживува и својот најголем развој, втемелен врз основа на идеалот за слобода и еднаквост. НАТО ја претставува сета спротивност на Куманово. Тој претставува ретроградна сила, остаток од мрачните времиња на милитаризмот и блоковската поделба. Сојуз кој поради профитен интерес на своите штитеници започнува војни, агресии, врши терор, внесува раздор помеѓу народите и го урива меѓународниот правен поредок. Денешното одбележување е голем срам за нашиот град,“ - соопштуваат од локалниот огранок на партијата.
За крај, од Левица му препорачуваат на градоначалникот:
"Наместо своето време да го троши на присуство на вакви срамни настани, подобро ќе биде да се зафати со решавање на урбаниот и сообраќајниот хаос во Куманово. Бидејќи веќе измина година и половина од неговиот мандат а граѓаните не видоа никаков резултат од неговата работа".