Учениците од прво и трето одделение ќе добијат и дигитални свидетелства
Покрај хартиените свидетелства, на крајот од тековната учебна година, учениците од прво до трето одделение за првпат ќе добијат и дигитални свидетелства, соопшти Министерството за образование и наука (МОН). Процесот на модернизација е поддржан од Македонски Телеком.
„Оваа учебна година започнуваме со етапно воведување на дигиталните свидетелства. Тие ќе имаат идентична важност како и хартиените, кои постепено ќе се заменуваат, што ќе значи олеснување на административната работа на училиштата, намалување на трошоците за печатење и онлајн достапност на документот во секое време. Продолжуваме да ја дигитализираме образовната сфера. Задоволна сум од интензитетот на овој процес, затоа што речиси сите постапки за остварување права и услуги се поедноставени и се реализираат по електронски пат. Преостанува уште уписот во високото образование, а со воведувањето на дигиталните свидетелства се отвора можност за остварување и на оваа цел“, изјави министерката Весна Јаневска за време на денешната посета на Македонски Телеком.
Македонски Телеком донираше електронски потписи за сите 368 основни училишта во земјава, со што ќе се овозможи поедноставна, побрза и поефикасна реализација на процесот на издавање дигитални свидетелства.
„Денешните ученици се генерации кои ќе живеат, учат и работат во целосно дигитален свет и затоа е важно да создадеме современ, ефикасен и достапен образовен систем“, изјави Горан Марковиќ, главен извршен директор на Македонски Телеком.
Од МОН велат дека со воведувањето на дигиталните свидетелства, учениците и нивните семејства ќе имаат полесен и побрз пристап до документите, додека училиштата ќе добијат поефикасен административен процес и трајна електронска архива.
Во следните години, дигиталните свидетелства постепено ќе се воведуваат и за учениците од повисоките одделенија.
(фото. архива)