Над 1000 кумановци дадоа подршка на лицата со попреченост
За само неколку часа над 1000 граѓани денеска дадоа подршка на иницијативата за законски измени на лицата со посебни потреби на Градскиот плоштад во Куманово.

Големиот одзив на првиот ден ги изненади и организаторите, кои велат дека особено ги радува што добиле подршка од младите луѓе.
„Искрени да бидеме не очекувавме толку голем одзив, но се гледа дека граѓаните не подржуваат и тоа ни дава волја да продолжиме понатаму, каде што поради тешкотиите родителите застануваат. Имавме можност да видиме дека не подржуваат политичарите и претставници на локалната самоуправа. Ние ќе продолжиме понатаму и нема да се откажеме, но оваа иницијатива ќе ја застапуваме и во новоформираната влада кога и да се формира„- изјави Благица Димитровска од здружението „Инклузива“.
Граѓаните кои се потпишуваа, едногласни се дека лицата со попреченост ги немаат правата коишто им следуваат и бараат Собранието под итно да ги прифати измените на законот и подзаконските акти, кои ги предлагаат родителите, за да се подобри здравствена и социјална заштита на оваа категорија граѓани.
„Состојбата во здравството е за никаде. Пред месец дена министерот излезе со соопштение за дијабетичарите, кои се исто во многу тешка состојба, и кажа дека буџетот за оваа година е скратен за 10 отсто. Мора да се направи притисок врз надлежните за да овие лица ги добијат своите права, да се лекуваат и живеат. Оваа категорија на луѓе живее со нас, тие не се посебни тие се исти како нас, треба да живеат во заедницата со нас, - изјави Никица Кипријановски.
Во Куманово има регистрирано околу 1000 лица со попреченост, но луѓето кои се во оваа проблематика тврдат дека нивниот број е многу поголем. Светската статистика покажува дека околу 15 проценти од вкупното населние отпаѓа на лицата со попреченост.
Родителите на децата со посебни потреби бараат бесплатни прегледи и лекување, право на посебен додаток, отворање на дневни центри и подобра иднина на децата по нивната смрт.
Акцијата за собирање потписи на Градскиот плоштад во Куманово ќе трае до петок во периодот од 12 до 17 часот.