Над 200 хористи учествуваа на Меѓународната манифестација „Пензионерите пејат“
Над 200 пензионери од Македонија и Србија, денеска учествуваа на Меѓународната манифестација „Пензионерите пејат“, која се одржа во комплексот „Грација“, а ја организираше Здружението на пензионери Куманово.

Учество зедоа осум хора и пејачки групи на пензионери од Ниш, Лесковац, Прилеп, Општина Карпош, Штип, Пехчево, Кавадарци и Куманово, кои се претставија со 15 минутен репертоар на староградски и народни песни од нивниот крај, во придружуба на народни оркестри и диригенти. Целта на манифестацијата е да се продлабочи културната соработка помеѓу здруженијата на пензионерите, но и да збогатувати животот на пензионерите со нови дружења и пријателства.
Нашиот град има богата и славна историја, а во тие рамки посебно музичка и културна традиција. Оваа година славиме 500 година постоење на Куманово и оваа музичка манифестација ја посветуваме токму на нашиот град и на овој значаен јубилеј. Денеска хоровите и пејачките групи покажаа што подготвиле, во таа взаемна натпевливост, културна и пријателска конкуренција дојде до израз музичката култура и взаемното разбирање, при што песните ни ги исполнија срцата и душата, а тоа е дополнителен мотив за зачувување на старото и создавање на нови поквалитетни музички вредности, - изјави претседателот на Здружението на пензионери Куманово, Благе Јакимовски.
Манифестацијата е со ревијален карактер, на крајот на дружењето сите учесници добија благодарници.
Претседателот вели дека размислуваат наредната година манифестацијата да се пресели во Центарот за култура или МКЦ со цел да ја видат што повеќе пензионери и граѓани на Куманово.