Над 5000 кумановци поднеле Годишни даночни пријави
Во Куманово досега 5230 граѓани поднеле Годишни даночни пријави, потврдуваат од Управата за јавни приходи.

Граѓаните кои во 2014 година покрај плата и пензија заработиле и пари од закуп, хонорар, игри на среќа и друго, ќе треба до 15 март да поднесат Годишна даночна пријава во УЈП.
“Даночен период за кој се поднесува Годишната даночна пријава е од 1 јануари 2014 до 31 декември 2014 година. Повеќе информации во врска со пополнувањето и поднесувањето на Годишната даночна пријава граѓаните можат да добијат на веб страната на Управата за јавни приходи, каде е објавено интерактивното упатство за практично пополнување и поднесување на ГДП како и брошурата за ГДП за утврдување на персонален данок на доход“ - вели Сузана Стошевска Николовска, регионален портпарол на УЈП, Регионална дирекција Штип.
Регионална дирекција Штип и Даночно одделение Куманово работат со продолжено работно време до 18 часот во работните денови и до 14 часот во сабота.