„Не биди ѓубре“ утре ќе чисти кај Општата болница во Куманово
Волонтерите од граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре“, утре во 19 часот организираат еколошка акција за чистење на сметот околу Општата болница Куманово.

„Параѓубреџиската формација „Не биди ѓубре“, утре во 19 часот ќе се состане на ул.Сава Ковачевиќ, пред Ургентниот центар. Ќе имаме и зајакнување од Скопје, ќе присуствуваат Ирена Ристиќ со други волонтери, - вели Андријата Недељковски, од „Не биди ѓубре“.
Ова е петта акција на кумановските волонтери. Досега ги чистеа дивите депониите покрај регионалниот пат Куманово-Свети Николе, кај Пионерскиот дом и на улиците „Моша Пијаде“ и „Октомвриска револуција“.
Недељковски нагласува дека сите локации кои ги чистеле во изминатиот период се во иста состојба како пред чистењето.
„Совеста на кумановци никако да проработи во делот на чиста животна средина. Не мора да чистат со нас, но мораат да не фрлаат кој каде и што ќе стигне“, - додава Недељковски.
Волонтерите истакнуваат дека ја добиле првата донација во алатки за работа: гребла, лопати и друга опрема за чистење, од млекарницата Бучен Козјак. Ги повикуваат и другите стопанственици кои се во можност да се вклучат во нивните активности на било кој начин.
И покрај сите апели и повици, сеуште е мала поддршката на граѓаните за вклучување во акциите.