Мени

Недостигот на возачи на камиони сериозен проблем за ЈП „Чистота и Зеленило“

27.11.2026 11:39 | KumanovoNews

ЈП „Чистота и Зеленило“ се соочува со сериозен недостиг на работници неопходни за редовно одржување на хигиената во градот и собирање на сметот.

Недостигот на возачи на камиони сериозен проблем за ЈП „Чистота и Зеленило“

Посебен проблем претставува недостигот на возачи на камиони, бидејќи во последните неколку месеци претпријатието го напуштиле повеќе вработени.

Во работната единица за изнесување на смет во моментов се работно ангажирани 75 вработени, а за собирање на сметот се користат 11 камиони.

„Во изминатиот период 10 возачи, кои летово беа примени во редовен работен однос, дадоа отказ бидејќи најдоа подобри и  поплатени работни места. И понатаму имаме проблем со возачите, ги повикувам граѓаните кои имаат положено Ц-категорија и сакаат да работат да се јават кај мене, бидејќи имаме потреба од возачи и општи работници во претпријатието. Такви луѓе ни се потребни и ќе се трудиме да примиме нови, бидејќи постојано си заминуваат“, вели директорот Сашо Томиќ, кој очекува во наредната година да се зголеми програмата за одржување на зелено-цветните површини, а со тоа и да добијат повеќе средства за работа на претпријатијата.

Тој тврди дека во последната година не е вработен ниту еден административен работник, додека во меѓувреме се спроведени три огласи на кои се примени возачи и општи работници, оперативен кадар кој му е неопходен на претпријатието за секојдневното работење на терен.

Во ЈП „Чистота и Зеленило“ има околу 300 вработени, од кои 140 се општи работници кои ги метат улиците и собираат смет, а само триесетина работат во администрацијата.