Мени

Нема интерес за волонтирање во доброволните противпожарни друштва во кумановските села

18.04.2026 11:42 | Сузана Николиќ

Нема заинтересирани граѓани за волонтирање во доброволните противпожарни друштва што треба да се формираат во селата Орашац, Пчиња, Табановце и Клечовце, заради справување со пожари на отворено во нивните реони.

Нема интерес за волонтирање во доброволните противпожарни друштва во кумановските села

Општина Куманово преку проект за зајакнување на капацитетите на Територијалната противпожарната единица од Австриската амбасада, треба да формира четири противпожарни друштва, а услов e пунктовите да функционираат на доброволна база.

„Добивме донација од три противпожарни возила и опрема, треба да изградиме гаражи и да обезбедиме волонтерски тимови од пожарникари на сите локации каде што ќе имаме дисперзирани пунктови за брза интервенција. Но, услов на донаторот е пожарникарите да не бидат професионално ангажирани, туку волонтери.  Во Орашац,  кога на заинтересираните им кажавме дека работата е на волонтерска основа не сакаа да прифатат“, кажа градоначалникот Максим Димитриевски, на последната седница на Советот на Општина Куманово.

Опремата и помошта за формирање на доброволните противпожарни друштва е добиена од противпожарната единица на Покраината Тирол во Австрија, која има голема традиција во волонтерството. При предавањето на донацијата во ноември, минатата година, координатор на проектот, Петар Лугар, кажа дека се предвидени посебни во обуки во Тирол и во Хрватска, во кои ќе се  вклучат млади волонтери. 

„Во покраината Тирол има 23.000 доброволни пожарникари, а имаме население колку половина од вашата држава. За споредба во цела Македонија има само 800 волонтери.  Кај нас пристапувањето е на доброволна база и почнува од училишна возраст. Голем дел од учениците кои учествуваат во обуките, по 16- година најчесто одлучуваат да останат во доброволните противпожарни друштва. Задоволство им е што можат да бидат корисни за општината и за граѓаните, за покраината. Не добиваат никаков паричен надомест, само заштитна опрема, облека и простории, каде што можат да се дружат и да стекнуваат пријателства. Имаме искуство во Австрија кога ќе почне да се плаќа, тогаш волонтерството се губи, изјави тогаш Лугар .    
 
Димитриевски е разочаран што жителите на кумановските села не покажале интерес за вклучување во противпожарните тимови, и вели дека секој треба да покаже одговорност и да помогне во заедницата во која живее. 

„Не може Општината да работи на проекти, а ниту еден волонтер во ниту едно село да не се пријави. Наместо да оди пожарно возило од Куманово 30 километри, може таму да има возило, гаража, опрема  и веднаш да се интервенира. И сега ќе им гори во дворот, ама ќе чекаат да дојде некој друг, додека тие ќе седат со скрстени раце и чекаат пожарот да се разгори“, кажа Димитриевски.

Тој истакна дека државата троши големи пари за оштети предизвикани од пожарите, минатата година  во општина Куманово биле исплатила 25 милиони денари за изгорени земјоделска површини на 14 правни и физички лица.