Нема злоупотреби на тендерот за зимско одржување на улиците, тврди Дамјановски
Градоначалникот Зоран Дамјановски тврди дека локалната самоуправа нема грешки во тендерската постапка за зимското одржување на улиците во градот, поради што добиле согласност и од комисијата за јавни набавки, а остава обвинителството да докаже дали има злоупотреба во документацијата на фирмите што заработиа кривични пријави.

Според Дамјановски, инспектори од СВР Куманово започнале истрага за случајот уште во јануари годинава, кога се појавиле проблемите со чистење на снегот, при што ја одзеле сета документација, а поради пројавените сомнежи локалната самоуправа не извршила исплатата на средствата и побарала судско вештачење на документите.
„Имаме доказ дека не сме исплатиле ни денар на фирмите и нема никакви оштетувања на буџетот на општина Куманово. Изведувачите своите документи ќе си ги бранат пред обвинителот евентуално во постапка, а нашата комисија смета дека она што било пропишано и изјавите дадени кај нотар за нас се валидни и врз основа на тоа сме направиле избор на изведувачите. Сумата која е наведена во пријавата не е ни приближно иста, бидејќи за оваа година се предвиден околу 8 милиони или 130.000 евра. Ниту сме ги книжиле, ниту пак имаме исплатено нешто и нема оштетување на буџет. За веродостојност на документацијата на изведувачот како што е наведено од пријавата на инспекторот ќе се докажува пред обвинителството и евентуално ако има судска постапка, - изјави Дамјановски.
МВР поднесе кривична пријава против газдите и фирмите Ѓ.К.(63) од Скопје, сопственик на “КАТ-ИНГ ГРАДБА“ Скопје и А.Љ.(47) од Куманово, сопственик “КООП ИНЖЕНЕРИНГ“ Куманово, поради постоење на основи на сомневање дека сториле кривично дело поднесување лажни докази и две кривични дела фалсификување или уништување деловни книги и против Д.С.(35), С.Ј.(42), М.Ј.(55) вработени во Општина Куманово и С.Ј.(56) од Куманово, вработен “Поинт ДИЗАЈН“ Скопје, поради постоење на основи на сомнение дека сториле по едно кривично дело несовесно работење во службата.
Сопствениците поднеле лажни изјави дека фирмите ги исполнуваат условите од тендерската документација, а вработените во Општина Куманово, при спроведување на тендерска постапка не ги провериле техничките понуди и документите ги прифатиле како вистинити, по што ги рангирале и избрале за единствени најповолни понудувачи и со тоа им овозможиле на пријавените правни лица проттивправно да прибават корист за вкупен износ од 25.557.150,оо денари, на штета на буџетот на Општина Куманово.
Дамјановски смета дека пријавата е тенденциозна и политички мотивирана за да се компромитира локалната власта, бидејќи секогаш кога има трансфер на власта има кривична пријава за општина Куманово. Последната била за раскрсницата на „Октомврсика револуција„ и „Трета МУБ“, но и по 15 месеци немало разрешница.