Нови цени за ѓубрарина во населбите и селата
ЈП „Чистота и зеленило“ од наредниот месец сметките за изнесување на смет во приградските населби и селата ќе ги пресметува по нова методологија, која ќе донесе нови цени.

Наместо досегашниот месечен паушал од 182 денари, со новиот начин на пресметка граѓаните ќе плаќаат по 2 денари за квадратен метар стамбена површина до 120 квадрати. Во пракса тоа ќе значи дека сопствениците на куќите од 120 квадрати ќе плаќаат повисоки сметки до 80 денари, а оние до 60 квадрати нивните ќе имаат пониски сметки за околу 50 денари. Квадратурата над 120 квадрати нема да се пресметува.
Директорот Даниел Стојчевски, вели дека новата методологија се наметнала откако поголем број на повозрасни граѓани кои живеат во помал стамбен простор се пожалиле дека се наоѓаат во нерамноправна положба со побројните семејства кои живеат во повеќекатници, а плаќаат исти сметки со нив.
„Јавното претпријатие до Советот даде една цена која мислиме дека е прифатлива и приближна до онаа цена од 180 денари. Граѓаните ќе плаќаат 2 денари по метар квадратен за разлика од граѓаните во градежниот реон каде што за изнесување смет двапати неделено плаќаат цена од 3 денари плус дворно место. На овие граѓани максимално ограничување ќе им биде 120 квадрати по цена од два денари. Тоа би изнесувало 240 денари плус ДДВ, или 250-260 денари, додека голем број на граѓани кои живеат еден или двајца во стамбена единица од 60 квадрати сметката да им се намали на 120 денари плус ДДВ. Ова го правиме се со цел граѓаните кои живеат вон градежен реона да ги ставиме во една рамноправна положба при начинот на плаќање на сметката за ѓубрарина, а исто така и према оние граѓани кои живеат во градежниот реон, - изјави директорот Стојчевски.
Советниците од опозицијата во Советот на Општината беа против оваа одлука, и сметаат дека новата методологија е само параван за зголемување на цената на ѓубрарината во селските средини.
„Под изговор дека се врши усогласување на методолгијата за пресметка за изнесување на смет локалната власт успеја да го протне зголемувањето на сметките од 182 денари на 283 денари по домаќинство. Ова поскапување со однесува на 90 отсто од населението, бидејќи таму куќите се главно над 120 метри квадратни. Многу мал дел ќе има поевтинување, само кај оние што куќите се помали од 60 квадрати“, - изјави координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Петковски.
Тој додава дека зголемувањето на цената нема да го подобри квалитетот на услугата, туку тој ќе остане ист, и натаму сметот ќе се изнесува двапати месечно и ќе нема садови и контејнери по населбите.
Наспроти ова директорот Стојчевски, тврди дека изнесување на сметот вон градежна зона се изнесува еднаш неделно, а дека во наредниот период ќе се подобри услугата.
„Се надеваме дека ќе наидеме на разбирање кај граѓаните кои живеат во овие делови од градот, а јавното претпријатие ќе земе обврска да го испочитува својот динамичен и оперативрен план, односно еднаш неделно да го изнесува сметот, да им дадеме на граѓаните подобра услуга, а воедно да организираме што повеќе акции за расчистување на дивите депонии и сметот кој е насобран во овие населби, - изјави Стојчевски.
Наредниот периот на терен ќе излезат екипи од јавното претпријатие кои ќе извршат премер на стамбените објекти, врз основа на кои ќе се направи новата пресметка на сметките за изнесување на смет.Во кумановските села и населби има околу 9.000 домаќинства.