Мени

Кумановската болница со најмногу тужби од вработените

22.05.2026 07:51 | KumanovoNews

Дури 317  вработени ја тужат Општата болница во Куманово поради остварувања на разни права, од вкупно 1.800 на ниво на државата.

Кумановската болница со најмногу тужби од вработените

Најголем број, односно 70% од судските спорови се во 10 установи и тие се во категоријата на општи болници.

„Најмногу по број, 317 судски спорови има Општата болница Куманово, најголем финансиски ефект би имала Клиничката болница Битола, а вкупно проценетиот ефект на судските спорови прелиминарно е над 2 милиони евра и тој веројатно би растел со тек на времето и со нови тужби“, рече директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски.

Најчестата причина за тужбите е неисплатата на додатоци на плата, меѓу кои прекувремена работа, ноќна работа, работа во смени, работа во недела и за празници, како и бонуси и јубилејни награди.

Директорот на ФЗО апелираше до директорите да ги применуваат правата од законите и од колективните договори таму каде што се оправдани, да пристапуваат кон спогодби за да ги избегнат адвокатските и судските трошоци.

„Истовремено, ги повикуваме здравствените работници, посебно каде што има ниска ефикасност во установите, да се откажат од судските спорови бидејќи имаме парадокс, во истите установи имаме највисоко ниво на додатоци и најголем број на тужби, бидејќи така директно влијаат на одржливоста на нивните сопствени установи. И работиме заедно со Министерството за здравство и со синдикатот да ги отстраниме сите нејаснотии во примената на законот и на колективните договори кои овозможуваат на уиграна група на вештаци, адвокати и еден независен синдикат да наоѓаат сиви зони во толкувањето на законите и колективните договори“, додаде тој.                        

Заклучно со декември 2025 има 1.822 тужби на вработени во 62 од вкупно 108 јавни здравствени установи во земјата.